Десетина сумо-борачи се качиле во авион, но поради преголема тежина авиокомпанијата морала да им бара друг лет

Сумо борци Јапонија / Фото EPA-EFE/KIMIMASA MAYAMA

Најпознатата јапонска авиокомпанија Јапан Ерлајнс била принудена да бара дополнителен лет, откако заклучила дека два нејзини авиони се изложени на ризик да ги надминат границите на тежина. Сепак, виновникот не бил вишокот багаж, туку списокот на патници во кој биле вклучени некои од најтешките луѓе во земјата.

Јапан Ерлајнс презела „многу необичен“ чекор да префрли голем број сумо-борачи на набрзина организиран специјален лет минатата недела поради загриженоста дека двата авиони со кои првично требале да летаат немало да можат да носат доволно гориво поради ограничувањата на тежината, пренесува Гардијан.

Сумо-борачите требале да патуваат со летовите Боинг 737-800 од аеродромот Ханеда во Токио и аеродромот Итами во Осака до Амами Ошима, остров на крајниот југ, каде што требале да се натпреваруваат на спортски фестивал, објави весникот Јомиури Шимбун.

Загриженоста за капацитетот на горивото се појави кога персоналот доцна во четвртокот дознал дека на списоците на патници има сумо-борачи, за кои процениле дека тежеле во просек по 120 килограми – многу повеќе од просекот од 70 килограми, пишува Јомиури.

Пистата на аеродромот Амами не можела да собере поголем авион, пишува весникот, принудувајќи го Јапан Ерлајнс да обезебеди друг дополнителен лет за 27 борачи, вклучително и 14 кои морале да летаат од Итами до Ханеда за да се качат на специјалниот лет.

„За нас е крајно невообичаено да извршуваме специјални летови поради ограничувањата на тежината на овој авион“, изјави портпаролот на Јапан Ерлајнс за регионалниот весник Минами-Нипон Шимбун.

Биле направени и дополнителни летови за да ги однесат борачите дома по завршувањето на турнирот во неделата, јавуваат јапонските медиуми.

Не е прв пат сумо-борачите кои летаат со авиони да бидат теми на вести во светските медиуми. Во 2014 година, фотографија од борачи спакувани во мал патнички авион стана вирална. Мажите, сите од тимот Хакаку во Токио, подоцна се сместиле во слично опкружување во автобус на пат кон летен камп за обука.

Не постои услов за минимална тежина за да се стане сумо-борач – Мајноми, кој стигнал до врвната дивизија во 1990-тите, тежел приближно исто како и капитенот на англискиот рагби тим, Овен Фарел. Но, во античкиот спорт доминираат потешки мажи. Орора, рикиши роден во Русија, кој се пензионирал во 2018 година, е најтешкиот на сите времиња, со 292,6 килограми.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот