Депонијата во Ново Село повторно се чисти, можеби овој пат ќе прерасне во парк

депонија ново село
Депонијата во Ново Село почна да се чисти, Фото: Принтскрин/Фејсбук

По чистењето на депонијата, Општината и Град Скопје како што се најавува ќе пристапат кон уредување и зазеленување на просторот, но дотогаш просторот ќе мора да се заштити за да нема повторно фрлање шут и друг вид на отпад.

Општина Ѓорче Петров деновиве започна со расчистување на огромната дива депонија во Ново Село, за која со години алармираат тамошните жители и граѓански здруженија. Досега надлежните не најдоа трајно решение за депонијата која претставува еколошка „бомба“ во овој дел од Скопје и ја уништува и околината и здравјето на граѓаните.

Сега новото раководство на Општината, на чело со градоначалникот Александар Стојкоски прави нов обид за решавање на овој проблем и ветува дека откако ќе се исчисти депонијата и натрупаниот отпад ќе се однесе во „Дрисла“, заедно со Град Скопје ќе пристапат кон уредување и зазеленување на просторот и дека тука ќе се изведе парк каде граѓаните ќе можат да се рекреираат. Но, дотогаш просторот ќе мора да се заштити за да нема повторно фрлање шут и друг вид на отпад.

Планираме да ја продолжиме заштитната ограда, да го оневозможиме физичкиот пристап на лицата коишто одлагаат отпад. Со набавките наредната година  би сакал да обезбедиме и видеомониторинг во еден дел, да ги зајакнеме капацитетите на нашите инспекциски служби и да бидеме поригорозни во санкционирање на злоупотребата -рече градоначалникот Стојкоски.

И претходното раководство на Општина Ѓорче Петров тврдеше дека преземале мерки за расчистување на депонијата, а и тие имаа план за зазеленување и реанимирање на просторот со засадување на високостеблести садници и украсни растенија, за што веќе беше постигнат договор со ЈП „Македонски шуми“ и беше направена селекција на бројот и видовите на садници.

Општината исто така планира во многу брзо време целосно затворање на двата влеза на депонијата, со пропуштање само на жителитесопственици на околните ниви – изјавија пред неколку месеци од Ѓорче Петров.

Од Град Скопје тврдеа дека депонијата била исчистена веќе пред речиси две години, но дека повторно се наполнила.

Град Скопје со соработка со Општина Ѓорче Петров во текот на мината година ја расчисти оваа стара децениска дива депонија покрај реката Лепенец во Ново Село. Во текот на изминатиот период инспекторите и комуналните редари на Град Скопје вршеа засилени контроли на терен, но сепак не е можна секојдневна контрола на оваа локација – одговорија од Град Скопје.

Граѓаните, особено жителите на Ново Село и околината сега одново се надеваат дека конечно ќе се најде решение за депонијата и го поздравуваат почетокот на чистењето на овој запуштен простор. Останува да се види дали овој пат работата ќе се истурка до крај и навистина на местото на големата депонија ќе се изгради парк како што најавува градоначалникот Стојкоски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот