Денеска се навршуваат 101 година од раѓањето на Ацо Шопов, еден од најзначајните македонски поети на сите времиња

На денешен ден 1923 година е роден еден од најголемите македонски поети Ацо Шопов. Тој беше македонски поет, преведувач, член на МАНУ и еден од основоположниците на современата македонска поезија.

Уште како гимназијалец, во 1940 година, Шопов станал член на СКОЈ, а две години подоцна, се вклучил во антифашистичката борба, во редовите на Третата македонска ударна бригада. Член на истата бригада била и неговата љубена, Вера Јоциќ, која загинала на 22 мај 1944 година, а на која Шопов ѝ ја посветил прочуената песна „Очи“.

По војната, Ацо Шопов матурирал во родниот град и заминал за Скопје, каде ги завршил студиите на Филозофскиот факултет, на отсекот чиста филозофија. Подоцна, работел како уредник на многу македонски литературни списанија и весници.

На 18 август 1967 година, Шопов бил избран како еден од првите членови на Македонската академија на науките и уметностите, а една година подоцна и за дописен член на Српската академија.  Шопов бил добитник на највисокото југословенско признание, наградата „АВНОЈ“ (1970), како и на литературните награди „Кочо Рацин“ за збирките меѓу кои се и „11 октомври“, за преводот на Хамлет (1960) и за животно дело (1981); „Браќа Миладиновци“, за збирката Песна на црната жена (1977) и многу други.

По долги години посветени на издавачката дејност, претежно како директор и главен уредник на „Македонска книга“, во 1971 година, Шопов бил именуван за амбасадор на Југославија во Сенегал, земја која го инспирирала за збирката Песна на црната жена. За време на престојот во Африка, тој го превел изборот од поезијата на сенегалскиот претседател, Леополд Седар Сенгор, добитник на „Златниот венец“ на Струшките вечери на поезијата, во 1975 година. Истата година, Шопов бил именуван за претседател на Републичката комисија за културни врски со странство, но три години подоцна, болеста го присилила да го напушти активниот живот.

Ацо е автор на првата повоена книга на македонски јазик во слободна Македонија, Песни (1944), објавена во „Млад Борец“, Белград. Делегацијата на антифашистичката младина на Србија, којашто учествува на Вториот Конгрес на Народно-ослободителниот младински сојуз на Македонија (НОМСМ), во Скопје, од 6 до 8 јануари 1945, ги донесува печатените примероци во Скопје и ги подарува на учесниците на конгресот, на кој Ацо Шопов учевствува во својство на потпретседател на Главниот одбор на НОМСМ.

Неговата книга Слеј се со тишината е прва македонска збирка препеана на словенечки јазик, во 1957 год., а Јус-универзум е прва збирка сатирична поезија објавена на македонски јазик, во 1968 година. За време на животот, Ацо Шопов има објавено тринаесет збирки поезија и исто толку избори од поезијата на македонски јазик, како и петнаесетина избори препеани на странски јазици.

Ацо Шопов бил добитник на повеќе награди, како:

Наградата „Кочо Рацин“ за збирката „Слеј се со тишината“ (1956)
Наградата „Кочо Рацин“ за збирката „Ветрот носи убаво време“ (1957)
Наградата „11 Октомври“ за препевот на „Хамлет“ (1960)
Наградата на Змаевите детски игри за препевот на песните на Јован Јовановиќ-Змај (1967)
Награда „АВНОЈ“Наградата „АВНОЈ“ (1970)
Наградата Кочо Рацин за збирката „Гледач во пепелта“ (1970)
Осмоноемвриска награда (1974 г.)
Наградата „Браќа Миладиновци“ за збирката „Песна за црната жена“ (1977)
Наградата „11 Октомври“ за животно дело (1981)

Од првата фаза на творештвото на Шопов се издвојува антологиската песна „Очи“ („Со наши раце“).

Песната „Очи“ претставува тажно сеќавање на трите долги дена кога партизаните ја носеле својата другарка на раце низ македонските планини. Тие се неми сведоци на нејзиното бавно умирање, но и сведоци на нејзината бестрашност и храброст. Смртно ранетата партизанка ги изговорува во шепот своите проштални зборови. Болката заради нејзината смрт кај борците предизвикува желба за одмазда, желба да се продолжи со борбата, да се биде како неа.

ОЧИ

Три дена на раце те носевме збрана,

со тага и болка на погледот срчен,

и секоја капка на твојата рана

ко крвава жар ни капеше в срце.

 

Другарите беа и морни и гладни

со згорени грла и свиени плеќи

со тап бол се впија во очите ладни

и жалеа оти не ќе пламнат веќе.

 

Но јас знаев оти пак ќе вивнат в жарој

и борците под нив ќе цветат и раснат,

в студените утра ќе греат ко сонце

и никога нема да стијнат и згаснат.

 

Последната вечер в планинското село,

кај борците беа со дрипава дреа,

со пликови жешки на стапалки тешки,

и смрштени чела – згасени, мразни

ко нивните пушки укочени, празни,

и нечујно, глуво, ко здушена реја

се точеше шепот од уво до уво:

„Утре, друже, в зори, страшен бој не чека,

а ние сме малку, – сал неколку души …“

 

И кога ко игла ти прободе уши –

ти растресе снага и размолска тага,

со лунјени очи широки и волни

ги расече в ноќта здивените молњи!

 

Ко тогаш, ко тогаш, о другарко, помниш –

в смрзнатата вечер на пролетта рана,

кај нашата младост и првата радост

ја косеше луто куршумната слана,

а ти чело збрчка, ко тигрица рипна

и летна во ноќта крвава и црна, –

со своите очи што ригаа пламен

ги растопи часкум челичните зрна …

 

И после! И после – в последната вечер …

јас нејќам да мислам што потаму стана,

Сал помнам те изви крвавата рака

прошталниот шепот ти замрзна в усни,

ти гореа очи под веѓите густи!

 

Со нивниот пламен и со клетва света,

на заседа тргнав сред мојата чета.

 

А утринта кога зрив чела ни спраши

ти не беше веќе в редовите наши,

но скипеа борци со одмазда жолчна,

и видов! о видов – кога бојот почна

развихреа сите со твојата сила –

ко елени брзи и лесни ко птица.

 

А твоите очи се искреа гневно

во нивните потни, распалени лица …

Три дена на раце те носевме збрана,

со тага и болка во погледот срчен,

и секоја капка од твојата рана

ко крвава жар ни капеше в срце.

Наградата Ацо Шопов е највисоко поетско признание што го доделува Друштвото на писателите на Македонија. Таа се доделува секоја година за најдобра поетска книга објавена во претходната година. Традиционално, таа се доделува заедно со другите три награди на ДПМ, на 13 февруари, на денот на основањето на ДПМ.

Починал во Скопје на 20 април 1982 година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот