Дебарското Езеро доби „острови од отпад”

Дебарско езеро фото МИА

Последните обилни и интензивни врнежи од дожд го зголемија водостојот на Радика и Црн Дрим а со тоа и на Дебарско Езеро, што секако поволно ќе се одрази во производството на електрична енергија во ХЕ „Шпилје” но и на заштитата на флората и фауната во езерото, велат екологистите.

Но, додаваат, водите од реките донесоа и голема количина, пред сè, пластичен отпад од дивите депонии по долината на реката Радика, кои почнаа да создаваат „острови од отпад”. Појавата е позабележителна кај селото Долно Косоврасти, кај Косоврашки Мост, каде Радика се влева во езерото, како и кај Мелнички Мост.

-Оваа појава е присутна секогаш кога има обилни дождови и голем дотек на вода во Радика и нејзините притоки. Тоа најчесто е на есен и на пролет, но ете се случува и сега по обилните дождови, посебно поради фактот што изминатите месеци водостојот на реките беше многу низок, велат од еколошкото друштво „Дешат”.

Додаваат дека е неопходно организирано собирање на отпадот во сите населени места, каде што на секој чекор може да се видат диви депонии кои потоа со зголемувањето на Радика се влеваат во езерото.

-Пред неколку години екологистите од трите општини Дебар, Центар Жупа и Маврово Ростуше, поведовме иницијатива за поставување челични мрежи кај еден од мостовите, каде што би се собирал отпадот и тој секојдневно со чамци би се вадел и фрлал во депонијата во Дебар. Но, се остана само како идеја, наведуваат од друштвото, посочуваат од еколошкото друштво „Дешат”.

Организирано собирање отпад, според нив, треба да се обезбеди и во општина Центар Жупа зашто отпадот од дивите депонии во оваа општина доаѓа во Дебарско Езеро.

Инаку, надојдената Радика го оштети мостот кој поврзува повеќе села од Горна Река со патот Дебар-Маврово. Претставници на локалната самоуправа на општина Маврово Ростуше информираа дека со намалување на водостојот, веднаш со своја механизација го санирале оштетениот мост кој ги поврзува Нистрово и другите населени места.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот