Даниела Николова: „Неколку нијанси женски приказни“ ги величи жените во Македонија од почетокот на 20. век до денес, за почеток ja издвојуваме приказнaта на Роса Плавева

Проектот на Музејот на македонската борба насловен „Неколку нијанси женски приказни“ ги величи и ги осликува жените и нивните успеси во Македонија од почетокот на 20 век, па сè до денес. За почеток, ja издвојуваме успешнaтa приказнa на Роса Плавева,  една од првите борци за женски права во Македонија.

Во овој период на изолација Музејот на македонската борба преку дигиталните активности ги презентира музејските содржини. Започна  проектот „Неколку нијанси женски приказни” кој бил замислен да се одвива во континуитет во текот на 2020 година. Во услови на коронавирус проектот се презентира во современ стил препознатлив за виртуелните музеи.

Мулијерес фортес е првата етапа на дизајнерско-движечки слики од континуираниот опус за претставување на жените, а говори за осум истакнати жени од областа на  науката, уметноста, спортот, бизнис секторот, човековите права, медиумите…Жени кои пионерски делувале и продреле во општеството дури и во оние моменти кога нивниот живот зависел од нивните одлуки, а нивните одлуки значеле живот и го запечатиле нивниот, ни објаснува Даниела Николова, ве-де директорка на Музеј на македонската борба за самостојност, наша соговорничка во „Слободен печат“.

Проектот визуелизира жени кои биле дел од создавањето на нашата историја, кои создале приказни.

Какви женски приказни раскажувате преку овој проект?

– Приказните имаат голема моќ. Нашата традиција за раскажување, прераскажување ткае приказни пренесувани од генерација на генерации. Изборот на приказните кои сакаме да ги раскажеме или дознаеме е таинствен и интимен процес, тој  не се темели на правила, туку на нашиот однос кон нештата, на нашата чувствителност и надворешните предизвици. Сите ние размислуваме преку приказни, веруваме дека универзумот е борба на доброто и злото, на хаосот и космосот, конфликти и решенија, веруваме во приказни со среќен крај.

Проектот  Неколку нијанси женски приказни величи и ги осликува жените и нивните успеси во Македонија од почетокот на 20 век, па сè до денес. Всушност, слушајќи и прераскажувајќи приказни, создаваме свои сопствени, трагаме по одговор за нашата улога во тој универзален театар и се надеваме дека сме дел од нешто што е поголемо од нас. А ако ја разбереме таа наша единствена улога, тогаш и ќе ја одиграме преку нашите дела и постапки и ќе  поверуваме во космичката, универзалан приказна.

Што заедничко ги поврзува овие жени?

– Овој проект визуелизира жени кои биле дел од создавањето на нашата историја, создале приказни. Жени на кои приказните им се случиле, работеле на нив, ги полевале со сопствената крв и солзи и смеа, додека да процветаат и да дојдат до нас, за да ги слушнеме, толкуваме и продолжиме да ги раскажуваме понатаму. Сите нив  ги поврзуваат заеднички нешта, карактеристики, истенчени сетила, заигран и ведар дух, посветеност…сериозност. Склоност кон поврзување со некоја поголема идеја, љубопитност, издржливост и сила. Тие се длабоко интуитивни, имаат чувство за заедницата, прилагодливи се на промени и различни околности, но и жестоки, непоколебливи одлуки.

За почеток ја издвојуваме успешните приказни на Роса Плавева, една од првите борци за женски права во Македонија

Името на Роса Плавева се вбројува меѓу биографиите на жените кои дале придонес кон женските движења во 19. и почетокот на 20 век на просторот на Централна и Југоисточна Европа. За овие простори раширено е мислењето дека женските  движења и борбата за женски права  не биле својствени во тој период. Роза Плавева е една од оние жени која го разбива тој стеротип и докажува дека борбата за женски права не само што постоела, туку во неа земале учество жени од најразнородна етничка, верска и социјална провининеција, а биле инспирiрани и поврзани  со сличните движења од другите европски земји. Затоа, животот и дејствувањето на Роза Плавева се значајни и во контекст на фундаменталните социјални промени кои се случиле кон крајот на 19 и почетокот на 20 вeк. Тоа е време на големи промени во светот, време на индустријализација, развој на образование и описменување, технолошки промени, модернизација на општествата, време кога се одело напред, а подредениот статус на жените останувал, тие биле исклучени од културните збиднувања, образованието, науката (Марија Кири е доказ за тоа, примерот со Рајна Алексова), политиката…Роса Плавева е една од оние која застанува наспроти сè тоа.

Била родена во Велес во 1878 година, а починала во Белград во 1970 година. Се школувала во Велес, а потоа во Софија. Таму ги остварува своите први контакти со социјалистичкото движење. Во 1900 година се зачленила во првата социјалистичка организација во Македонија, формирана во 1894 година лично од Васил Главинов во Велес и учествувала во Илинденското востание во 1903 година. Во деновите на Младотурската револуција, заедно со Накие Бајрам, ги организираат турските жени кои се борат за еманципација.

Интересен е податокот дека обидите на здружување и организирање на жените во Македонија коинцидира со одржувањето на Првата меѓународна конференција на социјалистките во 1907 година во Штутгарт, Германија.  

Во 1908 година организира демонстрации во Скопје за рамноправност на жените и наредната година, заедно со својот сопруг Илија Плавев, работи на формирањето на Социјалдемократска организација во Скопје што според расположливите податоци е формирана на 1 мај 1909 година. Според кажувањата на Роса Плавева, забележани од Ружа Бак во 1959 година, во периодот меѓу 1907-1908 година е основано „Здружение на жени Турчинки против носењето зар и фереџе “ во кое зеле учество околу 50 жени, сопруги на офицери од турската војска. Под влијание на Младотурската револуција од 1908, Здружението одржува седница во куќата на Роса Плавева каде се подготвуваат за јавно симнување на зарот и фереџето на муслиманските жени.

На 1 мај 1909 година, во Скопје е формирана нова Социјалдемократска организација чии основачи се Роса Плавева и нејзиниот сопруг Илија Плавев. Сопружниците ја користат Ерфуртската програма од 1891 година на германските социјалдемократи како своја платформа. Нејзини членови се и Накие со сопругот Ферид Бајрам. По Втората светска војна, нејзината соборка Накие Бајрам била учителка и  посебно  била вклучена во еманципација на муслиманските жени во Социјалистичка Македонија.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот