Данајскитe подароци за Тупанчевски

милорад стојмановски
Милорад Стојмановски / Фото: Слободен печат

Функционерите навивачи, кои се дел од правниот систем во земјава, не само поради етичкиот кодекс, пред да прифатат гратис лет и билет морало да знаат дека финансиската полиција поднесе кривична пријава против повеќе лица од ФФМ.

Во регистарот финти за избегнување одговорност, слушнавме нова – писмена опомена. Што е спротивност на усна оставка, на пример.

Ваква „казна“ доби министерот за правда Никола Тупанчески за непочитување на Кодексот за етичко однесување за членовите на Владата, откако вицепремиерката Славица Грковска оцени дека се прекршени членови што се однесуваат на судирот меѓу јавниот и приватниот интерес, односно забраната за примање подароци.

Дали го прекршиле етичкиот кодекс и судијата од Кавадарци Лазар Нанев, како и вишата обвинителка Фатиме Фетаи, допрва треба да кажат Судскиот, односно Советот на јавни обвинители. Сите тројца функционери признаа дека не платиле авионски и билет за фудбалскиот натпревар Италија – Македонија што се одигра во Палермо, туку патувале на сметка на Фудбалската федерација на Македонија.

Прекршокот е направен, но играчот останува во игра. Жолтиот картон за Тупанчевски, сепак, го додели само „аутрихтер“. Главниот „судија“ го сочува црвениот в џеб и рече дека министерот не бил во недозволена позиција, односно дека не трошел пари и ресурси на Министерството. Би било премногу уште на почетокот на „новата партија со нови играчи“ во речиси двегодишното „шаховско“ надмудрување на власта и опозицијата за опстанок на владиното мнозинство да се случи таков анпасан во оваа најнова „сицилијанка“. Најпосле, нереално е да се очекува жртва фигура кога за многу поголеми катастрофи, какви што беа пожарот во модуларната болница во Тетово и автобуската несреќа во Бугарија, покрај толку мртви министрите „преживеаја“.

Се израдуваа функционерите навивачи на победата на Македонија против Италија во баражот за Мундијалот во Палермо, но нивното летање гратис и билетот подарок за натпреварот, ќе влезат во меѓународните извештаи за оценување на степенот на корупција во земјава. А целиот мастраф не бил поголем од 500 евра, барем толку чинеше туристичкиот аранжман за вториот меч, против Португалија во Порто. За Палермо веројатно бил уште поевтин, затоа што е поблиска дестинација.

Тупанчевски посочи дека селекцијата на тоа кој ќе биде дел од делегацијата во чартерот ја направил организаторот, иако не кажа дека станува збор за ФФМ. Федерацијата одговорноста ја префрли врз агенцијата, но таа можела да биде само технички организатор и сигурно не го правела списокот на привилегирани, меѓу кои имаше и новинари, лекар, политичари…

Што е тоа што ги тера спортските челници да им се додворуваат на именувани функционери? Спортските сојузи во една пригода ги нареков „госпоѓи министерки“ поради нивната афилијативност кон моќниците во политиката, иако таа љубов е обострана. Честењето ВИП-личности од кои зависи спортската фотелја е реликт уште од почетокот на осамостојувањето на земјава. Тогаш бизнисмени ги заменија полицајците и војните лица на чело на федерациите и клубовите, но како по правило, во управните одбори вклучуваа функционери што можеа „да им се најдат“. Покрај полицајци (и тоа не кои-годе, туку оние од ДБК), во раководните тела на спортските здруженија беа вклучувани и моќници од царината, од Управата за јавни приходи, од Стопанската комора и слични. Членството на овие лица во управните тела по дифолт значеше и бесплатни патувања со репрезентативците и сместување во луксузни хотели, се разбира на сметка на федерацијата. Тој вид корупција порано не беше ниту нотиран, а камоли некој да пропее за тие „ноти“ во обвинителството.

Денес се следи секој чекор на јавните личности, иако во однос на одговорноста навиките не се променети. Тупанчевски, Фетаи и Нанев не се дел од управата на ФФМ, но како функционери, не само поради етичките кодекси, морало да знаат дека против повеќе лица од Федерацијата финансиската полиција поднесе кривична пријава. Станува збор за проневера од 2,4 милиони евра, а меѓу обвинетите за даночно затајување и за фалсификување и уништување деловни книги во 2017 и 2018 година се и поранешниот претседател Илчо Ѓоргиоски. Актуелниот лидер на ФФМ, Муамед Сејдини, во тој период беше потпретседател. Агенцијата за млади и спорт, пак, го спори легитимитетот на избраните органи на ФФМ. Ниеден од овие правни постапки досега нема разрешница.

Именувани функционери што се поврзани со правдата во земјава морало да ги знаат овие сомневања чие расчистување е јавен интерес и да не прифатат за „ситна пара“ да се ничкосува и онака нарушената перцепција за судството. Тупанчевски, Фетаи и Нанев, понесени од нивниот приватен интерес кон фудбалот, заборавија на етичкиот кодекс, и тоа само поради евтините „данајски подароци“ на Фудбалската федерација.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот