Да си честитаме или не?

Да создадеме национален консензус по однос на евроинтеграцијата на земјава. За ова е потребна и сензибилизација на општата јавност, како и такт од сите политички чинители. Ако го средиме ова, ќе може да си честитаме за 2023 година.

Ја прегрмевме и оваа, трета кризна година по ред. Пандемија, постпандемија, нападот врз Украина, енергетска криза… Не беше лесно, но ајде да видиме што протуркавме и што ќе тркаламе понатаму.
Изминатата година, повторно, прво ни приреди уште еден reality check, но истовремено и ни отвори можност да го антиципираме кризниот посибилизам. Поточно, консекутивните кризни години, како на светот, така и нам ни ја дадоа таа уникатна можност да си ги препрочитаме приоритетите фрлајќи ни ја в лице фактичката состојба. Прво, со агамбеновскиот би рекла „гол живот (bare life)“, иако оваа референца доби сосем поинаков тек во рамките на научната дебата, а на штета на Агамбен, но нејсе.

Потем, со состојбите со планетата земја и неконтролибилните климатски промени и последици од тоа; со меѓународниот поредок и неговата (не) безбедност и мултиполарност; состојбите со демократијата; меѓународните организации; неолибералот и сите останати долгогодишно опстојувачки несогледани предизвици – кои само се обелоденија со кризиве. Тие станаа толку манифестни што нема простор да се игнорираат повеќе. Така што и изминатава година ни удри уште една отрезнувачка шлаканица за сеприсутното отсуството на антиципација на последиците од нашите индивидуални и колективни дејства.
Кризното отрезнување на европскиот континент ја засили дебатата за улогата на ЕУ како „субјект“ во меѓународниот поредок и политика, па оттука се засили и нејзината заложба кон мултилатерализмот како единствен релевантен инструмент во меѓународното општење, што може да го сметаме за релативен успех.

Притоа ЕУ се обидува паралелно да го зајакне и концептот за нејзината стратешка автономност. Стратешката автономност, пак, се здоби со еден нов атрибут – а тој е фактички прецизиран во Декларацијата од мадридскиот самит на НАТО од јуни 2022, каде што сојузништво помеѓу ЕУ и НАТО стана фактичка и битна инстанца за одржување на мирот. И ова може да се забележи како релативен успех. Конечно, дебатата за продлабочувањето и проширувањето на Унијата повторно доби на важност.
Особено предизвикувачки на континентов останаа состојбите со демократијата, од кои некои сè уште се антиципираат, а се поврзани со етнопопулизмот и со радикално десните манифестации кои според силата на нивната привлечност во услови на криза, очекувано е дека зајакнуваат. Но, токму тоа зајакнување во следнава година ќе мора да биде пресретнато од демократските поредоци кои се повеќе треба да стават фокус на демократската отпорност и на градењето на капацитетите за таква отпорност преку навраќање на основните конституционални алатки и системите на кочници и рамнотежа (импичментот за Трамп и барање од Комитетот за истраги при американскиот конгрес тој да биде кривично гонет; или притворањето на потпретседателката на Европскиот парламент). Со други зборови, состојбите со демократијата остануваат тековен предизвик и за 2023. Не знам дали треба да се честита за ова. Евентуално догодина.

Што се однесува до Македонија, може да си честитаме за рестартирањето на евроинтегративната агенда, за успешноста на скринингот, за обновувањето на берлинскиот процес и за придобивките од Отворен Балкан. Би можеле и да се пофалиме со кризниот менаџмент – посебно тука сакам да ја пофалам солидаристичката социјалдемократска атрибуција за помошта спрема најранливите граѓани. Искрени честитки, за ова.

Но, остана и многу за „дочеститање“ и за „допобедување“ во 2023 година. Треба сериозно да си го средиме судството, да се избориме со корупцијата и со криминалот, да го подобриме образованието. Од поодамна требаше да ни е ставена на агендата потребата да изнајдеме начин да создадеме национален консензус по однос на евроинтеграцијата на земјава. Тоа ни го укажаа на неколку наврати. За ова е потребна и сензибилизација на општата јавност, како и такт од сите политички чинители. Поддршката од ЕУ ја имаме, па ајде да се обидеме да го направиме тој консензус, уште на самиот почеток. Ако го средиме ова, ќе може да си честитаме за 2023 година.

Авторката е универзитетска професорка

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот