Да, ЕУ е безбедносно прашање за Македонија

денко малески
Професор Денко Малески, Фото: Слободен печат/Архива

Владеењето на националистите повторно би значело криза, производ на загубени години за македонската држава и за народите што живеат во неа. Е, тука, во тие загубени години до отпочнување преговори со ЕУ, се наѕира безбедносниот проблем.

Три дена по медиумите се врти дилемата дали членството на Северна Македонија во ЕУ е безбедносно прашање или не e. Пред да зајде без одговор, еве го моето мислење. Опозицијата, која никогаш не го призна својот дел од вината за нерешавањето на македонско-грчкиот спор, условот за членство во НАТО, сега вели дека со членството во НАТО нашата држава веќе нема безбедносни проблеми. Додава дека тврдењето од претставник на власта дека членството во ЕУ е безбедносно прашање е измислица за да се оправда некаква брза капитулација во спорот со Бугарија.

Прво, мислам дека залудно се надеваат на таква молневита разврска што ќе ги ослободи од одговорноста и ќе ги катапултира во седиштата на власта на брановите на народното незадоволство. Прашањето со Бугарија е далеку посложено од она со Грција и никој, па ни опозицијата не ќе може да се изземе од неговото решавање. Всушност, токму во овој случај би можело да се потврди правилото дека само освестен националистички водач може да поведе кон решавање на спорот со Бугарија, онака како што само освестен американскиот десничарски претседател, антикомунистот Ричард Никсон, можеше да го реши спорот со комунистичка Кина.

Секој друг што би се обидел би бил растргнат од јавното мислење. Но, таквиот момент не се ни наѕира на нашиот политички хоризонт. Водачот на македонските националисти и неговата партија ќе треба прво да се соочат со одговорноста на власта, а не само со комотната критика од опозиција. Но, нивното владеење повторно би значело криза, производ на загубени години за македонската држава и за народите што живеат во неа. Е, тука, во тие загубени години до отпочнување преговори со ЕУ, се наѕира безбедносниот проблем. Инсистирањето на почеток на преговори со Северна Македонија и со Албанија едновремено е последица и на стравот на Запад од една иднина во која Албанците во Албанија брзо ќе се движат кон ЕУ, предизвикувајќи еден дисбаланс со Македонија. Зборувам за опасноста од растечко незадоволство со перформансите на македонската држава од страна на припадниците на албанската етничка заедница.

Таквиот развој на настаните, со Македонија која стои во место, може, во иднина, да ја радикализира втората по големина етничка заедница во прилог на обединување со Албанија, поуспешната од двете држави. Бидејќи, по југословенските војни стана недопустливо да се пука во своите граѓани за да се задржат во државата, сценаријата кои би следеле ја загрозуваат не само безбедноста на Македонија, туку и нејзиниот територијален интегритет. НАТО не може да помогне ако некоја држава, поради своите погрешни политики, се сосипе однатре.

 

Извор: Либертас

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот