Д-р Илчо Ефкоски: Колективниот имунитет не е нешто на што би требало да се потпреме за заштита од новиот сој БА.5

ФОТО-Принтскрин: др. Илчо Ефковски спец по трудова медицина

Летниот бран на зголемен број на ковид-позитивни случаи во земјава се должи на микс на подваријанти на омикрон сојот кој е присутен во голем број од инфекциите. Тој, практично, сосема ја заобиколува одбраната стекната од прележувањето на досегашните соеви, но и од вакцинацијата, па сосема очекувано во периодот што следи да се шири експресно за што сме сведоци деновиве, токму од зголемениот број на нови инфекции меѓу граѓаните.

Со овие зборови д-р Илчо Ефкоски специјалист по трудова медицина за „Слободен печат“  ја согледува моменталната епидемиолошка слика во земјава по порастот на бројките во дневната статистика на заболени од ковид -19 од Министерството за здравство.

Д-р Ефкоски посочува дека колективниот имунитет за кој многу се зборуваше не е нешто што би требало да се ослониме за заштита од новиот сој БА.5

– Она што денеска го гледаме преку зголемениот број на инфекции е резултат на мешањето на многуте видови од ковид соеви со доаѓањето на иселениците во земјава, заминувањето на одмор на граѓаните и масовните собири кои според мене се дел од причините за големиот број на новоинфицирани во земјава – посочува д-р Ефкоски.

Според него, пикот на летниот ковид бран се очекува да биде за две до три недели од сега, а до тогаш тој апелира до надлежните да се почитуваат обврските по Законот за безбедност и здравје при работа во служба за заштита на работниците, како и да се создадат безбедни затворени простории за свадби, прослави, дружење на луѓето, преку финансиска помош на фирмите за воведување на вентилација и филтрација на воздухот во затворените простории.

– Најдобро избегнување на инфекцијата е да се избегнуваат собири и комуникација во затворен простор. Носењето на маската КН-95 е докажана превентива од вирусот во затворените простории во кои има лица кои не се од вашиот дом. Понатаму задолжителна вакцинација за сите лица над 50 години кои се вакцинирани пред 6 или повеќе месеци е неопходна. Истовремено се докажа дека вакцините примени во 6 месеци наназад време, сепак штитат и до 37% од заразување, нешто кое би ни помогна и за да имаме помалку хоспитализации – посочува д-р Ефкоски.

Специјалистот по трудова медицина д-р Ефкоски во исто време апелира до надлежните навремено да размислуваат на мерките за заштита во пресрет на училишната година кога според него, лани направи бум со нови инфекции во државата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот