Црна вдовица на Исламска држава се врати во Македонија

Malaysian Ramadan.

Вдовица на борец на Исламска држава (ИД) од Македонија, која за време на нејзиниот престој во зоната на конфликтот во Сирија била логистичар, е откриена и е депортирана во земјава. Во Сирија била со сопругот, а со нив била и нивната малолетна ќерка и внук, кој бил роден во кризното подрачје, известува агенцијата за криминалистичко разузнавање на Европската Унија.

Ова е само еден детаљ од „Извештајот за состојбата и трендот на тероризмот во Европската Унија за 2021 година“, во кој се пренесуваат информации и анализи за појавите на радикален ислам и терористички активности во нашата земја.

„Во 2020 година во Македонија беше откриена терористичка ќелија составена од 11 члена. Во септември истата година тројца мажи, на возраст меѓу 22 и 28 години, борци повратници од редовите на Исламската држава (ИД) во Сирија, беа уапсени под обвинение за самостојно пријавување во редовите на ИД и подготвување терористички акции. Во акцијата за нивно апсење беа запленети експлозивни елеци, пет парчиња автоматско оружје, гранати за ракетен фрлач РД-40 мм и друг вид муниција. Исто така, било пронајдено и знаме со арапски натпис, сличен на знамето на ИД. При спроведувањето на истата истрага, други осуммина се уапсени во Скопје и во Куманово кон крајот на декември 2020 година, под сомнение дека планирале терористички напад во земјава. Еден од нив претходно бил обвинет за учество во Исламска држава (ИД). Оружје било пронајдено на 8 локации во близина на Куманово. Тие се обвинети за правење импровизирани експлозивни направи и споделување на својот план вклучувајќи инструкции за тоа како се прават експлозивни ремени (елеци) на интернет. Групата презела подготвителни активности, какви што се обезбедување пари, набавка на оружје, муниција и воена опрема, обука за користење на огнено оружје и производство и тестирање експлозивни ремени – се наведува во извештајот.

Покрај оваа акција за разбивање терористичка ќелија, во извештајот уште пишува и дека двајца македонски граѓани, кои патувале во 2015 и во 2019 година во Сирија, останале таму. Маж, пак, се обидел да патува во Сирија за да ѝ се придружи на ИД, но бил пресретнат во Турција и депортиран назад во земјава.

– Радикализацијата на младите во различни средини, вклучително и во затворите, продолжува да биде клучна грижа и бара наше внимание. Активности за ширење екстремистички пропагандни идеи, и преку личен контакт или интернет, се забележани и во Србија, каде што исламистичките екстремисти одржуваат директен контакт и зачестено патуваат во Косово и во другите соседни држави за да регрутираат други членови и да ги радикализираат – вели извршната директорка на Европол, Катерин де Бол.

„Цел на регрутација се млади луѓе од двата пола, од семејства со скромни финансиски средства, а забележано е зголемување членови од ромската популација. Српските служби за безбедност откриле саморадикализирани поединци, кои ја глорифицираат ИД и другите терористички групи на социјалните мрежи. На исламистичката екстремистичка сцена доминираат поединци од бошњачкото, ромското и од албанското малцинство. Во самите групи, фамилијарните врски се користат за ширење на екстремистичката мисла, а жените често имаат најактивна улога, особено при регрутирање други жени од локалната заедница“, заклучува Европол во извештајот.

Професорот по безбедност Синиша Атанасовски објаснува кои се можните таргети на радикалите.

– Како по непишано правило, терористичките организации своите „членови“ ги наоѓаат во симпатизерите на нејзината идеологија, но и различни општествени класи, пред сѐ помеѓу недоволно образованото население, тие со скромни примања или сиромашни. И во Македонија е присутно влијанието на разни терористички организации, како ИСИС и ИД. За тоа доказ се многубројните наши сограѓани, кои дел доброволно, а дел принудно, заминале или уште се во Сирија, Авганистан или во Иран каде што војуваат и гинат за таа кауза – вели Атанасовски.  

Тој додава дека освен во Македонија, терористичките организации имаат пуштено корени многу длабоко и во одредени општествени кругови во земјите од нашето соседство, како Србија, Косово и Албанија.

– Најчесто тие пенетрираат помеѓу муслиманското население, каде што играат на „картата“ на братство по вера. Според анализите на пријателските разузнавачки служби со кои соработува Македонија, постои податок што вели дека повеќе од 2.000 млади и средовечни мажи, некои сами, а некои со своите семејства, а се родум од Македонија, Косово и од Албанија, заминале во кризните подрачја на Блискиот Исток. Дел од нив се вратени потајно, а дел се вратени откако се откриени и уапсени. Сите тие се голема опасност за земјите во кои се враќаат бидејќи постои голема опасност да бидат „спијачи“ и еден ден активирани за терористичка задача – вели Атанасовски.

Поранешниот шеф на военото разузнавање и професор по безбедност Владимир Пивоваров вели дека терористичките групи многу лесно доаѓаат до нови „членови“, пред сѐ помеѓу верниците што се чувствуваат отфрлено од општеството во кое живеат, а потоа следат религиозните фанатици.

– Во денешно време, со големата експлоатација на социјалните мрежи, терористичките мрежи имаат лесна задача да врбуваат свои приврзаници без поголем ризик да бидат откриени од властите. Во принцип, терористичките групи за врбување дејствуваат во економски ранливи средини каде што лесно придобиваат поединци или групи. Најважно за секоја терористичка групација е да има медиумски присутност. Затоа тие одбираат нивните напади да се во големите европски градови како Париз, Лондон или Берлин, каде што за нивниот потфат ќе дознае целиот свет – вели професорот Пивоваров.

Тој додава дека засега македонските безбедносни служби се на ниво на задачата и успешно се справуваат со напливот и со можните пробиви на терористичките закани.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот