Царовска: Со социјална или државна пензија веќе се опфатени над 4 илјади корисници

Креиравме социјална реформа која целосно го менува начинот на кој се грижиме за ранливите групи граѓани. Социјалната помош ја зголемивме за 300 проценти, а истовремено обезбедуваме помош и поддршка за вработување, рече министерката за труд и социјална политика Мила Царовска.

-Многу ми е драго што 6 месеци по спроведување на социјалната реформа веќе 370 од корисниците се вработени. Што значи дека овие наши сограѓани се на пат трајно да излезат од сиромаштија, да престанат да зависат од државата,  да се грижат сами за себе, за своите семејства и активно да придонесуваат за општеството- рече Царовска.

Во моментот вкупно 27.000 семејства добиваат гарантиран минимален приход, над 27.000 деца земаат детски додаток, а повеќе од 8 и пол илјади деца примаат образовен додаток. Со овие додатоци, вели Царовска, се стимулираат децата преку образование да го прекинат ланецот на сиромаштија, со цел да се овозможи подобар, поквалитетен живот за идните генерации.

-Важно е да се каже дека со социјалната пензија или државната пензија веќе опфативме над 4 илјади корисници. Се работи за возрасни лица кои не оствариле право на пензија и немаат друг извор за егзистенција. Ние не забораваме дека и тие го граделе ова општество и заслужуваат да имаат достоинствен живот. Исто така, згриживме 12 илјади стечајни работници. Сите тие  добиваат над 8.000 денари месечно, се до нивното пензионирање. Посветено работиме на зголемување на опфатот на деца во предучилишно образование, за што забрзано се зголемуваат капацитетите во детската заштита. На овој начин преку инвестициите во градинките инвестираме во раниот детски развој, а со тоа и во иднината на нашата држава- рече Царовска.

Претходните две години, потенцираше Царовска, се изградени вкупно 43 нови објекти за градинки.

-За идната година во Буџетот издвоивме 105 милиони денари за реконструкција, опремување и изградба на детски градини, а изминатите две и пол години инвестиравме над 180 милиони денари и обезбедени се дополнителни 15 милиони евра од Светска банка за изградба на градинки. Со изградба на нови објекти се креираат дополнителни 7.500 места во установите за згрижување и воспитание на деца и со тоа  се приближуваме до крајната цел – зголемување на опфатот на децата од 3-6 години на 50 отсто- појасни Царовска.

Покрај инвестирањето во нови градинки, се инвестира и во човечките ресурси во градинките преку зголемување на платите и зајакнувањето на компетенциите на кадарот.

Ги зголемуваме и платите и пензиите, рече Царовска, обезбедуваме поквалитетен живот за сите граѓани.

-За само две и пол години минималната плата ја зголемивме за 5.500 денари, а пензиите пораснаа за повеќе од 1.700 денари. Со пензиската реформа го стабилизираме пензискиот фонд и создадовме услови пензиите да го следат економскиот и растот на платите. Од следната година пензионерите ќе добијат за околу 900 денари повисока пензија, 700 денари според законското зголемување и 160-200 денари со усогласување со трошоците за живот- истакна министерката.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот