Црна Гора го укинува економското државјанство

Влада на Црна Гора/ Фото: ЕПА

Владата на Црна Гора ја укинува програмата за економско државјанство иако остварила повеќе од 300 милиони евра инвестиции и 70 милиони евра приход, објави Политика рс. Владата нема да ја продолжи оваа програма, бидејќи Европската унија во неколку наврати најави дека е против продолжување на програмата поради „можни ризици од перење пари и организиран криминал“, се дознава од извори блиски до кабинетот на премиерот Дритан Абазовиќ.

Програмата за економско државјанство истекува на 31 декември, а голем број министри во владиниот тим се незадоволни од намерата да се укине овој вид приходи, бидејќи споменатите суми не се мал прилив на средства во осиромашената државна каса на Црна Гора. Експлицитното инсистирање на Европската унија за укинување на програмата ја принуди црногорската влада да престане да продава пасоши за пари и инвестиции од 1 јануари следната година, што во оваа земја се применува од 2019 година. Програмата за економско државјанство беше усвоена кога премиер беше Душко Марковиќ, тогашен потпретседател на Демократската партија на социјалистите.

Владата на Марковиќ беше обврзана да стави крај на програмата на крајот на 2021 година. Тоа не се случи бидејќи владата на Здравко Кривокапиќ во последните денови од минатата година одлучи да ја продолжи програмата за уште една година и покрај силното противење на претставници на Европската комисија и одредени невладини организации.

Се додава дека до октомври се поднесени 779 барања за „повластен пасош“, од кои одобрени се 166 барања, додека 73 се одбиени, а останатите се во процес на обработка и голем број патни исправи се издадени на граѓани на Руска Федерација. Треба да се запомни дека Црна Гора им додели „економски пасоши“ и на многу проблематични бизнисмени и политичари кои избегаа од своите земји поради финансиски работи и најдоа засолниште во Црна Гора плаќајќи ја својата слобода со дебели пликови.

Министерот за финансии, Александар Дамјановиќ за „Политика“ изјави дека европските експерти побарале да се прекине програмата, „но треба да се запомни дека во моментов има слични проекти во 19 земји од ЕУ и Црна Гора треба да размисли за модел поврзан со овој проект кој се применува во тие Европски земји“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот