Циле-миле на Милевски

милорад стојмановски
Милорад Стојмановски / Фото: Слободен печат

Фудбалскиот селектор Благоја Милевски ја презеде одговорноста и претенциозно ѝ се обрати на нацијата со извинување за дебаклот против Англија. Иако не знам какво е тоа преземање одговорност без да се поднесе оставка. Можеби ќе се самоказни парично од платата што не знаеме колкава е, а не може да ја добие никаде ако остане на улица.

Македонија беше понижена на славниот стадион „Олд Трафорд“. Ни пет ни шест, седум гола ни дадоа Англичаните, кои ни го „собираа“ уште од 2002-та и 2006-та, годините на македонскиот фудбалски непокор на англиска трева. Се испразни домаќинот негостољубиво во македонската мрежа за сите исмевања што ги доживеа по голот од корнер на Артим Шаќири во Саутемптон пред повеќе од две децении.

Понижувањето беше толку големо што судијата не сакаше да го продолжи мечот ниту една минута, иако во второто полувреме беа направени десет измени. Ни ги скрати маките, зашто уште 90 минути да игравме, немаше да шутнеме на гол. Безмилосната статистика ја потврди немоќта – нула шутеви, нула корнери, дури и пет фаули помалку што е потврда за нивото на „борбеност“ и што боли уште повеќе во најтешкиот пораз на Македонија од првиот официјален натпревар до денес.

Селекторот Благоја Милевски ја презеде одговорноста и претенциозно ѝ се обрати на нацијата со извинување за дебаклот за да го амортизира гневот. Иако не знам какво е тоа преземање одговорност без да се поднесе оставка. Можеби ќе се самоказни парично од платата што не знаеме колкава е, а не може да ја добие никаде ако остане на улица. Милевски рече дека играла речиси истата екипа што нè направи горди против Италија. Заборави да дополни дека нè срамеа против Грузија, Азербејџан, Бугарија… Па и на мечот на Малта, на кој и покрај тесната победа, стратегот направи нетактички потег во вербалната пресметка со публиката и кога беше исклучен, поради што не беше на клупата во поразот со пресврт против Украина во Скопје..

Најодговорен за лошите игри секогаш е селекторот, зашто тој ги избира репрезентативците и ја поставува играта и тактиката. Со „циле-миле“ изјави „дека сепак сме на добар пат“, дека „репрезентацијата не играла никогаш подобро“, како што се фалеше на почетокот на неговиот мандат, ги навреди сите претходни селектори, а имало многу поуспешни од него. Ги навреди и сите играчи чии победи се паметат и по кои се полнеше плоштадот Македонија.

Тој што треба да му каже „добар пат“ на Милевски е раководството на ФФМ. Да му врачи отказ, колку и да треба да плати пенали поради тоа. Но и таков потег е тешко да се очекува, со оглед на тоа како му беше укажана доверба пред две години кога не требаше. ФФМ го донесе на кормилото на А-тимот, не продолжувајќи му го договорот на неговиот претходник Игор Ангеловски, единствениот селектор што досега успеа да обезбеди пласман на сениорско европско првенство.

Уште поважно е во пакет со селекторот Милевски да си оди и претседателот на ФФМ Муамед Сејдини. Кој можеби со отказ за селекторот ќе ја спасува сопствената фотелја. Но нему му е лесно, зашто е заштитен од партијата чии министри рекреираат во државен објект, колку да покажат кој кого шева во македонскиот фудбал. Дотогаш, екипите од слабата домашна лига, единствениот сигурен резервоар на играчи што имаат минутажа наместо секундажа во своите клубови, во евролигите нема да го минуваат ниту претколото од квалификациите. Што повторно не претставуваше проблем за ФФМ и за членовите на раководството кои си поделија премии од 20 илјади евра по човек за пласман на ЕП, замижувајќи пред фактот дека уште тогаш, пред две години, стагнира работата со младинските репрезентативни селекции.

Во општество во кое договори од две милијарди евра народни пари се склучуваат со непосредна спогодба, преоптимистички е да се очекува и фудбалот да не биде темен вилает. Но ако чекате клиентелистите од фудбалското Собрание да побараат отчет за работата на раководството на ФФМ, нема да дочекате. Во финансиски најмоќната федерација со десетина и повеќе милиони евра годишен буџет, одамна нема повеќе кандидати и програми при избор на претседател. Победникот се знае однапред.
А после Горан Пандев ќе ни биде виновен, единствен што го критикува ова раководство на ФФМ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот