Четири пати (мери) за иднината, еднаш (сечи) за историјата

Македонската и бугарската влада во Софија/Фото: Слободен печат

На 10-ти ќе се одржи состанок на Работната група за инфраструктура, на 14-ти на Работната група за евроинтеграции, потоа на 21-ви на Работната група за образование и на 28 февруари состанок на Заедничката комисија за историски прашања, така што, вели Османи, четири пати ќе се разговара за иднина, а еднаш за историја.

На 10-ти или 11 февруари министерствата за надворешни работи на Северна Македонија и на Бугарија во Софија ќе ги продолжат разговорите на експертско ниво за политичкиот пакет прашања во обид да ги надминат разликите меѓу двете земји. Состаноците на работните групи, пак, кои беа формирани на заедничката меѓувладина седница што се одржа во Софија на 25 јануари, ќе продолжат со најавеното темпо – четири пати во месецот ќе се среќаваат делегации на двете земји за да разговараат за прашања од инфраструктурата, образованието, културата, евроинтеграциите, историјата…

Шефот на дипломатијата Бујар Османи вели дека процесот на работа на комисијата е поврзан и со вкупниот политички амбиент меѓу државите, и очекувањата се дека, со враќање на довербата меѓу двете држави, ќе се охрабрат и тие да влезат во тој процес и според научни методологии да дојдат до заеднички наративи.

На 10-ти ќе се одржи состанок на Работната група за инфраструктура, на 14-ти Работната група за евроинтеграции, потоа на 21-ви Работната група за образование и на 28 февруари состанок на Заедничката комисија за историски прашања, така што, вели Османи, четири пати ќе се разговара за иднина, а еднаш за историја.

Професорот Ненад Марковиќ смета дека бугарската страна ја менува постепено позицијата, но не може дискусијата да се ограничи со време туку историската дебата треба да се тргне на друг колосек, вон политичкиот.

– Токсичната атмосфера што ја креира опозицијата, но не само таа, прашање е дали помага за процесот или е обид да се урне целиот процес. Патриот е секој човек што останал во оваа држава и не заслужува да биде нарекуван предавник, да биде плукан и исвиркуван. Не знам каде води тој дискурс на поделба на патриоти и предавници и мора да се напушти. Антиквизацијата беше таков класичен пример за поделба. Дневнополитичкиот фолклор не служи за ништо освен да ги полни медиумите – изјави Марковиќ.

Колумнистот, аналитичар и новинар Љупчо Поповски смета дека и во бугарското и во македонското општество има многу непознаници во поглед како ги перципираме Гоце Делчев и другите револуционери.

– Нам не ни оди во прилог тоа што биле учени во бугарската егзархија. Често се споменува дека Делчев предавал во штипско Ново Село како учител, ама не се споменува дека предавал на бугарски јазик – рече Поповски во настап на „Утрински брифинг“.

Оттука, додава тој, бесмислено е да постојат расправии кој оставил цвеќе на споменик на Гоце Делчев бидејќи тоа може секој да го стори.

– Република Бугарија не ја разбира светлосната порака на Гоце Делчев. Сите нивни политички манифестации што се однесуваат на негација на македонското постоење, македонската реалност и македонската вистина претставуваат навистина, од европски аспект непознавање на европските вредности и нивно неусвојување – вели поранешниот македонски амбасадор во Република Бугарија, Марјан Ѓорчев.

Копретседателот на Заедничката комисија за историски и образовни прашања Драги Ѓоргиев во интервју за РСЕ изјави дека постојат академски црвени линии во работата на Комисијата и дека тие точно знаат до каде може да одат во однос на тоа што е досега утврдено, каде треба да се сопре и околу што треба да се дебатира, додека декларациите усвоени од двете собранија, според него, само повеќе и наштетиле на работата на Комисијата.

Комисиите за транспорт и инфраструктура на двете држави задутре ќе имаат средба во Софија, а веќе следниот ден (11 февруари) ќе се организира првиот лет Софија-Скопје, со кој први ќе летаат делегациите и туроператори од РС Македонија и од Бугарија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот