Урсула Фон дер Лајен / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Центарот на Скопје в среда оди „под клуч“ – пристигнува Урсула фон дер Лајен, познато е со кого ќе се сретне

Посетата на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во среда попладне ќе предизвика сериозни сообраќајни ограничувања во Скопје, бидејќи повеќе централни улици и булевари ќе бидат привремено затворени заради нејзините средби со државниот врв.

Во среда попладне Скопје ќе биде под силни безбедносни мерки и сообраќајни ограничувања, бидејќи во македонската престолнина ќе пристигне претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.

Половина град ќе биде блокиран, а делови од центарот и околните булевари привремено ќе бидат затворени за сообраќај заради нејзината кратка, но значајна посета во рамки на западнобалканската турнеја.

Главната портпаролка на Европската комисија, Паула Пињо, денеска потврди дека Фон дер Лајен в среда ќе престојува во Скопје, каде ќе има одвоени средби со македонската претседателка Гордана Сиљановска-Давкова, со премиерот Христијан Мицкоски и со претседателот на Собранието, Африм Гаши.

Посетата на Скопје ќе биде последна етапа од нејзината турнеја низ Западниот Балкан, која започнува в понеделник во Тирана со средби со албанскиот претседател Бајрам Бегај и премиерот Еди Рама, а потоа ќе присуствува и на отворањето на Регионалниот инвестициски форум на ЕУ за Западниот Балкан.

Истиот ден Фон дер Лајен ќе отпатува за Тиват, каде ќе се сретне со претседателот Јаков Милановиќ и премиерот Милојко Спајиќ, а утредента ќе учествува на Инвестициската конференција за паметна и зелена иднина. Потоа ќе патува за Сараево на средби со Претседателството на БиХ и со претседавачката на Советот на министри, Борјана Кришто, како и посета на Меморијалниот центар во Сребреница.

Работниот ден в среда ќе го започне во Белград со средби со претседателот Александар Вучиќ и премиерот Ѓуро Мацут, по што ќе замине за Приштина, каде ќе се сретне со претседателката Вјоса Османи и техничкиот премиер Аребен Курти. Од таму, таа попладне ќе допатува во Скопје.

Како што информира Европската комисија, оваа турнеја ќе биде можност Фон дер Лајен повторно да ја потврди поддршката на Унијата за членството на земјите од регионот во ЕУ и нивниот постепен пристап до Единствениот европски пазар, како и да разговара за спроведувањето на Планот за раст на Западниот Балкан.

Ова е петта по ред годишна турнеја на Фон дер Лајен низ регионот, што, според ЕК, ја потврдува важноста што Европската унија ѝ ја придава на соработката и интеграцијата на Западниот Балкан.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот