
Цената на златото за прв пат надмина 4.000 долари поради ситуацијата во САД
Цената на златото за прв пат надмина 4.000 долари за унца, поттикната од загриженоста на инвеститорите поради влошувањето на фискалната состојба во Соединетите Американски Држави и привременото затворање на американската влада, објави Блумберг.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Златото денес достигна 4.010,84 долари за унца, што е зголемување од 0,7 проценти, и последен пат беше на 4.009,75 долари во 10:56 часот по локално време во Сингапур.
Скокот на цената следеше по повеќемесечниот раст во кој цените на златото пораснаа за повеќе од 50 проценти од почетокот на годината.
Експертите велат дека неизвесноста во глобалната трговија, загриженоста за независноста на Федералните резерви, слабостите во фискалната политика на САД и зголемените геополитички тензии се клучни фактори што го поттикнуваат растот.
„Ова прекршување на нивото од 4.000 долари не е само резултат на страв, туку и на прераспределба на капиталот. Во време кога економските податоци покажуваат стагнација, а Фед сигнализира намалување на каматните стапки, реалните приноси паѓаат, додека пазарите на акции, особено во секторот за вештачка интелигенција, изгледаат пренадуени“, рече Чару Чанана, стратег во „Саксо капитал маркетс“.