
„Целиот живот им го посветив на пациентите“, рече низ солзи д-р Мери Пешевска од Онкологија
„Целиот живот им го посветив на пациентите“, рече низ солзи во завршните зборови во кривичниот суд докторката од Клиниката за радиотерапија и онкологија Мери Пешевска.
Препорачано
Таа е обвинета дека на директорот на клиниката Никола Васев му оставила на располагање свој факсимил и лозинка за влез во компјутерскиот систем, за тој во нејзино име да препишува терапија на свои пациенти, која што терапија според Обвинителството била несоодветна и довела до тешко нарушување на здравјето на 7 онколошки пациенти кои сега се покојни.
Пешевска призна дека факсимилот и лозинката за влез во компјутерскиот систем на Онкологија од 2018 до крајот на 2022 година ги оставала на располагање на шалтер на други лекари и на специјализанти, ама не за да оствари корист или за да се случи несовесно лекување – туку за пациентите побрзо да се прегледуваат и да не чекаат за да ја примат терапијата.
-Сакам да појаснам пред судот и сите присутни дека за сите 7 пациенти јас воопшто не бев ординирачки онколог. Тоа биле пациенти на доктор Никола Васев, децидна беше докторката додавајќи дека таа ниту им препишувала терапија на седумтемина за кои Обвинителството тврди дека погрешно биле лекувани, ниту пак го водела нивното лекување.
Според доктор Пешевска, специјализанти и други онколози влегувале во системот со нејзините податоци, но нејзината намера била во интерес на пациентите.
-Јас го дадов своето корисничко име и лозинка во амбуланта, а факсимилот ми стоеше на шалтер. Тоа беше за доброто на пациентите, за да не се малтретираат и да не се враќаат, побрзо да завршат работа за крвна слика, навреме да ја завршат терапијата и да се вратат дома.
Никогаш не сум помислила дека тоа ќе биде злоупотребено од страна на доктори онколози како што е случајот сега. Досега сме имале почит и доверба кон колегите, никогаш не сме се посомневале во стручноста, искуството и намерите.
Оттука јас, поради мојата небрежност и невнимание ги ставив на располагање моите лични податоци, корисничко име и лозинка и факсимилот и истите биле злоупотребени. Но оттогаш па наваму печатот е со мене а компјутерот не го оставам ни секунда вклучен ако не сум таму. Порано на шалтер во „Мој термин“ други луѓе закажуваа прегледи за снимања на мои пациенти, а сега исклучиво тоа го правам јас после овој случај, рече доктор Пешевска.
Денеска таа во кривичниот суд зборуваше за целата своја кариера, едукации и посветеност на пациентите со карцином.
-Секојдневно во мојот работен стаж прегледувам многу пациенти и не им ја пружам само онколошката нега и терапија. Знаете, кога луѓето ќе се соочат со таква тешка дијагноза, и пациентите и семејствата доаѓаат во амбулантата расплакани и растревожени.
Најпрво ги смирувам, а потоа се детално објаснувам и се договарам околу онколошката терапија и пристап. Многу често тоа го правам и после работно време. Во мојата долгогодишна кариера ниту еднаш немам вратено ниту еден пациент од амбуланта. Дури и да сакам да тргнам кон дома, ако ме пречекаат – се враќам во амбуланта, да дадам некој совет, да прегледам резултат. На тој начин обезбедувам индивидуален пристап и комплетна онколошка поддршка на секој од нив.
Моето искуство, знаење и стручност им помагаат на пациентите што се соочуваат со оваа тешка болест, а мојата мисија е секогаш да бидам потпора на пациентите во текот на нивното излекување.
И да кажам дека во текот на мојот работен стаж, имам голем број излекувани пациенти и сите сакаат да доаѓаат кај мене, дали дека сум постара или не знам зошто. Најмногу пациенти имам на својата клиника со рак на дојка, број еден сум по број на пациенти со оваа дијагноза. Со оглед на малиот број на онколози во Македонија дел сум од проектот на дисперзирани онколошки центри што се спроведува во Битола и Тетово. Конкретно јас, ете во Битола одам за преглед и терапија на пациентки од тој регион се со цел да се намали малтретирањето и финансиските трошоци на пациентите, рече доктор Пешевска.

Обвинителката Ана Гоговска Јакимовска денеска го допрецизираше диспозитивот на обвинителниот акт. Од него произлегува дека Обвинителството го товари поранешниот директор на Клиниката за онкологија Никола Васев, дека како онколог од 2018 до 2022 година на Клиниката тешко им го нарушил здравјето на 7 пациенти на начин што применил очигледно неподобен начин на лекување. Тој според Обвинителството, несовесно постапувал, спротивно на упатствата, без конзилијарно одлучување, надвор од европските пропишани индикации и препораки, ги избегнувал параметрите кои точно ја опишуваат болеста, стадиумот и други параметри кои се исклучително важни за одлуката да се почне со терапија. Според Обвинителството, тоа овозможило непотребно давање терапија, одобрување и препишување дози со недоследност, давање на имуно и таргет-терапија во фаза кога било многу очигледно дека нема време да се развие механизмот на дејство на лекот. Исто така според ОЈО, не била наведена тежината и висината на пациентите што е битно зашто дозата зависи од овие параметри.
-Сето ова му било овозможено од обвинетата Мери Пешевска која како онколог, додека работеле заедно со Васев во критичниот период на одделот дојка, иако била свесна дека поради тоа може да настапи штетна последица, лекомислено сметала дека нема да настапи, па му ставила на располагање свој факсимил со кој одобрувал и препишувал терапија, и свое име и лозинка со која тој раздолжувал терапија во ХИС системот на Клиниката, рече обвинителката Гоговска Јакимовска.
Таа додаде дека со оглед на тоа што доктор Пешевска доброволно, без притисок и искрено дала признание, Обвинителството ќе се осврне на околностите од значење за определување на видот и висината на кривичната санкција. Таа предложи судот да ја огласи Пешевска за виновна и да ја казни согласно законот. Отежнителни околности според обвинителката е тоа што кај 7 пациенти дошло до нарушување на здравјето и тоа што користењето на факсимилот и неовластениот пристап се случувале повеќе пати. Олеснителни околности според обвинителката, се тоа што Пешевска делото го сторила во рамките на својата свесна небрежност, тоа што печатот сега го носи со себе и се исклучува од компјутерскиот систем и самата ги закажува прегледите за своите пациенти.
-Обвинетата даде признание на вина без обид да ја избегне својата кривична одговорност што е за поздрав во ваков предмет, покажа искрено жалење и каење, не е претходно осудувана ниту се води постапка за неа за друго кривично дело. Од доказите што ги предложи одбраната може да се заклучи дека ужива позитивен личен и професионален углед без претходни забелешки во нејзината професионална кариера. Во текот на целата постапка и пред Јавното обвинителство и пред судот има примерно поведение, рече обвинителката.

Адвокатот на Пешевска, Влатко Китановски зборуваше дека Пешевска е докторка повеќе од 20 години – посветена на спасување животи.
-Мери е доктор што голем дел од животот посветил да стекне знаење, мудрост и искуство, давајќи несебична утеха на тие што страдаат од оваа најтешка болест. Таа го посвети своето срце и душа на пациентите со рак. Таа е херој во тишина, таа е некој што од првиот ден на својата кариера се бори за животите на другите со целата своја енергија и 20 години го прави тоа на Клиниката. Тоа го прави неуморно, секој ден и час, дури и кога не сме таму и не гледаме.
Таму е кога пациентите се обраќаат со страв и несигурност. Тоа е борба и надеж а не само медиицнска работа. Ракот не прави разлика меѓу луѓето, напаѓа без разлика на пол, возраст и социјален статус. Но, разликата во битката ја прави човекот кој стои до нас и кој им дава сила на пациентите. За многу пациенти Мери не е само лекар туку и надеж и им покажала дека во најтешките моменти постои светлина. Да се биде онколог значи храброст за соочување со бројни предизвици, бидејќи таа им дава сила на пациентите да се изборат и да не се откажат дури и кога резултатите не се како што се надевале. Во нејзините очи, било важно колку љубов и сила вложила за секој човек да се бори понатаму. Мери не е обичен или просечен доктор, рече Китановски.
Тој побара „правдата да биде правична“ а судот да го земе предвид целокупниот ангажман на Пешевска како човек и лекар, нејзиниот придонес за животот на луѓето со рак.
-Но, денеска пред нас стои обвинета за една небрежна грешка која ја стави на судот на јавноста заедно со други обвинте за сериозни дела. Иако призна вина, дека од небрежност постапила кога ги ставила на располагање на првообвинетиот своите лични креденции, мора да се запрашаме дали овој доктор заслужува да се третира како криминалец. Грешката што ги споделила, личните податои со друг доктор, не било со намера да се наштети. Тоа што некој ги злоупотребил е одговорност што треба да ја сноси лично тој. Мери немала ниту причина ниту знак да се посомнева дека било кој вработен на таа клиника ќе ги злоупотреби нејзините лични податоци и факсимил па ги ставила достапни не само на овој доктор туку и на специјализанти.
Но, целта била да се помага на пациентите да се овозможи непречен третман во клиниката. Не било тоа за да се оствари корист а најмалку да се направи штета. Затоа не може да ја осудуваме за еден момент за небрежност со намера да се олесни прегледот на пациентите – што говори каков доктор е таа. Таа секој ден се соочува со тешки одлуки што ввлијааат на животите на луѓето. Тоа што се случува сега не ја одредува нејзината личност и хуманост. Ако ја осудиме само за оваа небрежност и го негираме тоа што досега го направила нема да бидеме правични.
Мојата молба е да го погледнете овој случај со виситинска перспектива а не да се фокусираме само на моменталната грешка. Да го погледнеме човекот со целокупната посветеност, страст и напор кои ги вложува во својата професиија. Барам шанса и разбирање за таа да ја продолжи својата работа – да лекува пациенти. Таа е непроценливо важна за целата наша заедница. Нека правдата биде правична, рече адвокатот Китановски.
Судијката Снежана Марковска пресудата ќе ја објави на 22 септември во 10 часот.
Постапката против Мери Пешевска се раздвои од кривичната постапка водена со обвинителниот акт против докторите Никола Васев, Симонида Црвенкова и Драган Јакимовски и продолжи со скратена постапка.
Доктор Мери Пешевска на Клиниката за онкологија работи од 2002 година. На оваа клиника специјализирала и работи најчесто со пациенти со карцином на дојка. Членува во македонската, европската и американската асоцијација за онкологија. Во 2009 година е избрана за асистент по предметот радиотерапија и онкологија на катедрата за онкологија.