Царината на Богородица одзеде грчки шлепер натоварен со алуминиумски котури вредни над 92 илјади евра

Фото: Царинска управа

На граничниот премин Богородица, царински службеници одзедоа грчки шлепер натоварен со алуминумски котури затоа што товарниот дел се отворал без да се оштети пломбата.

Царински инспектори од Секторот за контрола и истраги од Царинската управа привремено задржаа товарно моторно возило со полуприколка, натоварено со алуминиумски котури во вредност од 92.635,70 евра, откако возачот на возилото – странски државјанин, при влез во Република Северна Македонија на ГП Богородица се обидел на царинскиот орган да му стави на увид транспортно средство на кое е поставено царинско обележје – пломба и овозможил отварање на делот од возилото во кое е сместена стоката.

Фото: Царинска управа

Имено во петок, на 8 декември, царински инспектори на ГП Богородица селектирале на детален преглед товарно моторно возило со грчки регистарски таблички управувано од грчки државјанин, кое транзитирало од Република Грција до Република Германија. Притоа е утврдено дека сајла со поголема должина е намотана на задниот дел кај рачките кој служат за затварање на приколката, а со самото подигање на металната прачка на која што е обвиткана ролетната, церадата се отвара без да се оштети царинското обележје – царинска пломба.

Со ваквата поставеност на сајлата, возачот направил можност за вадење или пак ставање на друга стока во возилото при премин на гранична царинска линија, со што се прекршува царинската регулатива.

Против возачот ќе биде поднесена соодветна пријава до надлежниот суд за сторен прекршок по член 263 од Царинскиот закон, а согласно член 269 од Царинскиот закон, одземени се стоката и возилото – влекач и приколката и ќе бидат предадени на Агенцијата за управување со одземен имот’, се вели во соопштението на Царинската управа.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот