Букурешт трепери: Нов катастрофален потрес би урнал десетици илјади згради

Букурешт, Романија/ Фото: Rob Welham / Camerapress / Profimedia

Близу 23.000 згради би биле „значително оштетени“, а најмалку 1.000 би се урнале во главниот град при нов земјотрес со магнитуда над 7 Рихтери, сличен на оние што пред половина и пред цел век ја погодија Вранчеа

Двата силни земјотреса што за неполни 24 часа ја погодија Романија ги вознемири жителите на Букурешт, кои паметат потреси уште посилни од оние што пред десет дена разурнаа градови во Турција и во Сирија.

Земјотресите во Романија беа посилни од кој било повратен потрес во Турција и во Сирија во изминатата недела. Со речиси идентичен епицентар, првиот беше со магнитуда од 5,0 Рихтерови степени, а вториот уште посилен, од 5,5 степени. Вториот потрес во вторникот напладне беше почувствуван од граѓани стотици километри подалеку од епицентарот, низ цела Романија, во соседните Бугарија и Србија, па сѐ до жители на висококатници во Скопје. Тоа е резултат на длабокото жариште на земјотресот, 40 километри под површината.

Некои експерти ги сметаат за таквите умерени земјотреси за „благослов“, бидејќи делумно ја ослободуваат енергијата од триењето на тектонските плочи. Други, пак, укажуваат дека се сигнал за обновена активност во сеизмички критичниот регион, во кој е и главниот град Букурешт.

Повозрасните жители на Скопје сѐ уште го паметат нишањето на лустерите и треперењето на мебелот предизвикано од страотниот земјотрес во Вранчеа на 3 март 1977 година, чиј хипоцентар бил на длабочина од 85 километри. Со магнитуда од 7,5 Рихтерови степени, тоа беше еден од најмоќните земјотреси во изминатите сто години во цела Европа, но не и најсилен што го претрпела Романија. Магнитуда од 7,7 Рихтери имал земјотрес со речиси идентичен епицентар во 1940 година, и уште подлабоко жариште, 133 километри под површината.

Во 1977 година во загинаа 1.578 луѓе во Романија, 120 во Бугарија и две лица во Молдавија. За земјотресот од Вранчеа во 1940 година нема прецизен биланс на жртви, но се претпоставува дека имало повеќе од 1.000 загинати во Романија и во Молдавија, како и неколку илјади повредени.

Романски експерти тврдат дека при нов земјотрес во сеизмички критичниот регион може да се урнат десестици илјади згради, само во главниот град, и да загинат неколку илјади луѓе.

Истражување за сеизмичките ризици за Букурешт, спроведено лани од Градскиот комитет за итни ситуации, укажува дека при нов земјотрес со магнитуда слична на оние во Вранчеа, близу 23.000 згради би биле „значително оштетени“ во главниот град, оддалечен 160 километри.

Врз основа на индикаторите од потресот во 1977 година, се заклучува дека уривањето на нестабилните згради би можело да убие 6.500 луѓе и да повреди 16.000. Тој биланс би бил пет пати потрагичен во споредба со трагедијата во 1977 година, зашто половина век се заобиколуваат строгите критериуми за сеизмичка издржливост на објектите, се гради на површини обележани како критични при земјотреси, а градежната мафија во соработка со корумпирани функционери крева повеќе катови од дозволените. Тоа особено важи за урбаниот дел на Букурешт, каде што се концентрирани ризичните градби.

– Денес би имало многу повеќе жртви. Имајќи го предвид фактот дека во Букурешт е концентрирано 10 отсто од населението, повеќе од 15 отсто од индустриските погони и огромен дел од услужните дејности, каде што се главните компоненти на јавните и на приватните објекти, ризикот е значително зголемен во изминатиот период – се наведува во извештајот од јуни минатата година.

Како особено ризични при земјотрес, Комитетот посочил барем 400 згради повисоки од осум ката, изградени во периодот од 1925 до 1940 година, како и високите хотели. Сеизмички критични линии се и 35 километри од градското метро и топлификациската и водоводната мрежа, со цевки во вкупна должина од 900 километри.
Анализата покажала дека би биле оштетени близу 11.500 објекти изградени со неквалитетни материјали, 9.200 пониски згради со бетон и 2.300 високи згради со бетонски ѕидови. Од вкупно 23.000 оштетени згради, близу 1.000 целосно би се урнале.

Во однос на загрозените граѓани, се разгледувале две сценарија – дали земјотресот ќе удри дење или ноќе, кога сите спијат. Од вкупно 2 милиона жители на Букурешт, околу 450.000 живеат во згради што го издржале земјотресот во Вранчеа во 1977 година. При земјотрес ноќе, оштетувањата на објектите ќе блокираат околу 95.000 луѓе во нивните домови, без оглед дали зградите целосно ќе се урнат или ќе претрпат делумна штета. Би загинале 6.500 луѓе, 16.000 би биле тешко повредени, а уште 10.500 би морале да бидат згрижени во болница. Ако, пак, земјотресот удри дење, би имало значително помалку жртви.

Агенцијата АРКЕН во 2019 година го почна проектот Антисеизмички реон – обучување млади луѓе како да избегнат повреди и да ги спасат најблиските при силен земјотрес. Проектот опфаќа предавања и практични вежби со ученици и студенти од Букурешт и не запре дури и за време на пандемијата на ковид-19.

Од 1900 година до сега Романија ја погодиле близу 600 земјотреси со магнитуда повисока од 4 Рихтерови степени. Од нив 53 биле посилни од 5 степени, шест биле посилни од 6 степени и четири биле со магнитуда над 7 Рихтери.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот