Бугарската фрустрација и светскиот долг од пет кила компири

мирослав грчев
Мирослав Грчев. / Фото: Приватна архива

Вицот е сигурно постар и од евангелијата, па мора да сум го раскажал повеќе пати и тоа на истово место. Само што почнав да се премислувам, пред се загрижен поради бруката што ќе избие ако се открие дека се повторувам, тој ми заседна в глава и инаетливо ме присилува да го прераскажам, без оглед на се. Вицот, значи, гласи вака: Пензионер со станче во приземјето од мирна четириспратна зграда, останува без храна веќе на 20-ти во месецот. Во очај, решава да позајми пет кила компири од пријателот што живее на четврти спрат. Тргнува да се качува по скалите и си мисли, ќе му заѕвонам на пријателот и кога ќе отвори, ќе му кажам: Здраво, комшија, стар пријателу, те молам позајми ми пет кила компири, ќе ти вратам на први, кога ќе ми стаса пензијата. Стасува до првиот спрат и веќе малку подзадишан, си вели, не треба да сум подлизурко и да се повикувам на старото пријателство – тоа си е јасно само по себе, туку кога ќе отвори врата ќе му кажам: Здраво, комшија, те молам позајми ми пет кила компири, ќе ти вратам на први, кога ќе ми стаса пензијата. Веќе на вториот спрат, задишан и подзацрвенет, си вели, што има да цимолам и да ја спомнувам пензијата, ќе кажам само: Здраво, комшија, те молам позајми ми пет кила компири, ќе ти вратам на први. Кога забрефтан се качува на третиот, си мисли, зошто да ветувам дека ќе вратам на први, кога тоа се подразбира, туку ќе му кажам просто, човечки: Комшија, позајми ми пет кила компири. Конечно, нашиот пензионер се искачува на четвртиот спрат, му ѕвони на комшијата и кога овој му отвара врата, му се дере в лице: Да ти се серам на тоа компирот, стипсо гнасна!

Суштината на позајмувањето

Моќен виц, нели? Во него се збиени повеќе вистини за човековата природа отколку што изгледа на прв поглед. Прва е секако приказната за позајмувањето и за долгот – една од најстарите и најтраорните приказни со кои е испишана историјата на човештвото. И, во неа, вицот – прецизно и сурово, како на час по анатомија – ја разоткрива самата суштина на позајмувањето: дека со него се востановува нееднаквоста и дека чувството на пониженост му е вистинската емоционална цена.

Оваа исконска вистина е безброј пати запишана во старите записи, а ја има – јасно и гласно – и во Светото писмо, во Книгата Соломонови изреки, 22:7 – „Богатиот господари над сиромавиот, и дожникот станува роб на заемодавецот“.

Но, оваа вистина, илјадници пати кажана и докажана, како воопшто веќе да не е запаметена и како да нема никакво влијание врз однесувањето на современиот човек. Уште повеќе, кога ќе ги видиме економските и финансиските догми и мантри на нашата глобална неолибералистичка доба, испаѓа дека денес ниту луѓето како индивидуи, ниту корпорациите, а ниту пак државите, не смеат и се смета дека не ни можат да опстојат, доколку постојано не се задолжуваат!? Та дури, кредитната способност, односно финансиската подготвеност за враќање на долгот, стана денес најважната мерка за моќта, како на корпорациите, така и на државите. Ова е вистинската мерка за размерата на первертираноста на неолибералната хиперфинансијализација на економијата, што создава вредности кои се за 180 степени отклонети – значи обратни – од повеќемилениумското искуство и од сублимираната морална интуиција човекова.

Современите кризи на капитализмот се кризи на финансиските пазари кои најчесто се опишуваат како финансиски балони – инвестиции, долгови, кредити, хипотеки и други банкарски „деривати“ – што поради пренадуваност пукаат, откривајќи ја измамата вградена во системот и предизвикувајќи „крах“ на берзите на капиталот. Најголемиот црн финансиски балон на светот е должничкиот балон, при што само јавниот долг на државите изнесува околу 65 илјади милијарди долари, додека вкупниот светски долг ги надмина неверојатните 280 илјади милијарди долари!

Вистинската димензија на овој долг станува повидлива во светло на фактот дека вкупниот светски бруто производ изнесува едвај нешто над 80 илјади милијарди долари. Интересно е што во врвот на листата на најзадолжените се „тискаат“ најбогатите земји и најмоќните економии на светот: САД, Велика Британија, Јапонија, Канада, Италија, Германија, Франција и други. Како со својот пример да сакаат да кажат дека светската капиталистичка трка во економскиот раст може да се води само со масивно и – буквално во секој случај – неодржливо задолжување. При што единствената препорачлива стратегија за отплаќањето на долгот е – вие веќе знаете – повторното задолжување и перманентното зголемување на долгот. Понижувањето е слава! Ропството е моќ! Испаѓа дека овие орвеловски оксиморонски начела – што како да излегуваат од неговото Министерство на вистината – без остаток важат за денешниот економски свет.

Втората вистина што дури поетски јасно еманира од вицот за пензионерот и неговите пет кила компири – не знам дали воопшто да ја почнувам, почитувани читатели – е вистината за моќта на внатрешните наративи. Вицот покажува како внатрешниот дијалог помеѓу пензионерот и неговиот замислен комшија – дијалог што се води помеѓу сопствената совест и нејзината фрустрација – неминовно застранува, силно отклонувајќи се од каква било стварност, за да се претвори во апсурд или малоумен конфликт, кога ќе дојде во контактот со надворешната реалност. Оваа приказна е вистинската метафора за генезата на многу меѓународни спорови во кои – по долгото време внатрешно „зреење“ – внатрешните фрустрации излегле на површина, за да се судрат со објективната стварност или со националните интереси на засегнатите држави.

„Неблагодарниот“ сосед

Се разбира, повторно зборувам за бугарските апсурдни територијални аспирации и нивното присвојување на македонското минато, всушност за негирање на какво и да е македонско минато или постоење на што и да е македонско – народ, култура, историја или јазик – пред 1944 година. Соседите се во идентична ситуација како и нашиов пензионер, само што нивниот внатешен дијалог – во кој се конструираше еден империјален великобугарски наратив – да ти трае век и половина. Секоја фаза, секој тешко искачен спрат од овој тегобен внатрешен дијалог помеѓу националните сеќавања и изгубени војни, ги правеше бугарските соседи се повеќе исфрустрирани, зашто чувството на долг понижува од двете страни.

Тоа е секогаш така доколку замислениот долг не се враќа, па бугарската самовиктимизација е генерирана од нивната замисла дека Македонија е неодделен дел на Целокупна Бугарија, а Македонците се Бугари по род и происход. Од овој внатрешен наратив – непроверен и дури негиран од стварноста – произлегува и тонот на навреденост на бугарскиот Објаснувачки меморандум. Во Објаснувачкиот, исто како и во купиштата изјави на нивните политици и историчари, превладува фрустрацијата од изневерените очекувања што биле производ на сопствениот внатрешен наратив.

Како и во секоја психопатологија – што е внатрешна приказна сама по себе – единствното решение на сопствената фрустрација е екстернализацијата на вината кон „неблагодарниот“ и „неосвестен“ сосед, а веројатно и ојаденоста кон „неправедната“ историја што предолго не им го дава она што по „божја правда“ си го сметаат за нивно. Но, како и кај нашиот јунак од вицот, единственото што се добива од судирот на внатрешните фрустрации и реалноста е апсурдниот и скудоумен спор, од кој некој мора да остане кус за пет кила компири…

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот