Бриселе, земи цевку и работи!

Сашо Орданоски. / Фото: Слободен печат

Новата методологија наметнува обврска и кон Унијата и нејзината Комисија, меѓу другото, драстично да го промени дипломатскиот, „езоповски“ јазик со кој до сега го оценуваше напредокот на земјата во процесот на евро-интеграција. Таа ќе мора, во „прибеовски“ стил, многу повеќе да се ангажира и во „арбитерска“ улога и јасно да посочува кој и зошто ги кочи реформите. Како што тоа, на пример, сега го прави во случајот на блокадите на Законот за Јавно обвинителство, кога „без ракавици“ и без многу „влакна на јазикот“, директно ја прозва опозицијата како проблем во реформскиот процес.

Како што е официјално соопштено, при претставувањето на новата методологија за водење на преговори со земјите кандидати за влез во ЕУ, Македонија ќе ги отвори и ќе ги затвори преговорите со најважната тема за Унијата: функционирањето на правната држава. А помеѓу почетокот и крајот на така водениот процес, Унијата воведува механизам за СУСПЕНЗИЈА на преговорите доколку она што е ветено на почетокот и тоа како се сработува предвиденото не ги дава потребните резултати. Комисијата ќе има зголемени надлежности за контрола на спроведеното, а се планира и повремена, најавена и ненајавена „теренска“ контрола од посебно формирани „инспекции“ од земји-членки на ЕУ за тоа што и како, всушност, работиме. Ако е потребно, дури и поминатите области од преговорите ќе можат да се вратат на нулта-точка, доколку се констатираат потфрлања или регресија во спроведувањето на реформите.

Перфектно! Со ваквиот нов пристап, ЕУ сака да ја сведе на минимум внатрешно-политичката „глумажа“ на властите во Скопје (и другите главни градови на кандидатите со кои се преговара) дека многу се трудиме, а во реалноста недоволно (и во квантитет и во квалитет и во временска рамка) менуваме.

Ова е одлична вест за граѓаните на државава и лоша најава за нивните политички избраници. Последиците врз тоа како функционира нашиот политички систем ќе бидат драматични. Јасно е дека ЕУ ќе инсистира на конкретни резултати, а не на реформските скаски произлезени од апстрактните политички договори потпрени врз гнилите меѓупартиски компромиси договарани на лидерски средби и други заткулисни пазарења.

Лесно е оваа нова методологија лаконски да се оцени само како „купување време“ на некои земји членки на ЕУ заради нивните внатрешни политички потреби. Има и тоа. Но, ако Комисијата инсистира на доследно спроведување на оваа методологија, тоа навистина ќе помогне за овдешно забрзување и продлабочување на реформските зафати. Бидејќи, ако Македонија – благодарејќи, nota bene, на сегашната владејачка гарнитура! – веќе ги „затвори“ навистина тешките надворешно-политички прашања коишто ја блокираа нашата европска перспектива, сега на ред доаѓаат реформските теми коишто суштински треба да го подобрат внатрешното функционирање на нашата држава. Правната држава, пред сè.

Не, нема ништо ново во списокот на тие теми. Ние задачите си ги знаеме со децении наназад. Сега само се воведува конкретен европски СТАП што ќе ни се скрши од задникот доколку не постигнеме суштински напредок во реформите. Овдека без „стап“ ни ѓубрето не се фрла во контејнер – освен ако не го погодите од четврти кат кога се фрла низ џам!

Сепак, ваквата нова методологија наметнува обврска и кон Унијата и нејзината Комисија, меѓу другото, драстично да го промени дипломатскиот, „езоповски“ јазик со кој до сега го оценуваше напредокот на земјата во процесот на евро-интеграција. Таа ќе мора, во „прибеовски“ стил, многу повеќе да се ангажира и во „арбитерска“ улога и јасно да посочува кој и зошто ги кочи реформите. Како што тоа, на пример, сега го прави во случајот на блокадите на Законот за Јавно обвинителство, кога „без ракавици“ и без многу „влакна на јазикот“, директно ја прозва опозицијата како проблем во реформскиот процес. Амбасадорот Жбогар (и неговите наследници) ќе мораат да си се навикнат дека ќе бидат изложени на директни напади од медиумската „артилерија“ на партиите кои не сакаат да ги „читаат“ добронамерните препораки од Брисел.

Но, за почеток, во најскоро време, ЕУ мора да го објави давањето датум за земјава за почеток на преговорите со нас. Имено, пред изборите! Да, да, за и тоа да има влијание врз определбата на граѓаните за кого (и дали) ќе гласаат.

Е, па, кој што сеел, тоа изборно треба и да го жнее. Доста веќе живееме од апстракциите и интерпретациите на минатото, редно е нешто и нам да ни се насмее во нашата европска иднина!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот