Борисов и Радев со спротиставени ставови за бугарска воена помош на Украина

Претседателот на Бугарија, Румен Радев е поранешен пилот во бугарското воздухопловство на авионите Миг 29 од советско потекло

Со залихата на оружје од советската ера, Бугарија, која во исто време е земја со значајна воена индустрија, би можела да биде клучен сојузник на Украина во намерата за одвраќање на руската инвазија. Сепак претседателот на Бугарија, Румен Радев пред денешната посета на Австрија се осврна на несогласувањата со извршната власт, истакнувајќи дека новата Влада ја турка земјата поблиску до војната.

– Не сметам дека е соодветно политичарите со скромна изборна поддршка да зборуваат и да преземаат толку тешки обврски во име на Бугарија. Некои политичари на оваа војна гледаат како да се во театар и удобно се сместиле во публиката и се во заблуда дека ќе останат само гледачи. Во интерес на цела Европа е веднаш да ги прекине непријателствата и да ги бара сите можни начини за обновување на дијалогот и мировните преговори, наместо да се поттикнува конфликтот со ново оружје – истакна Радев.

Тој пред три дена изјави дека би било грешка Бугарија да се приклучи на договорот за обезбедување ракети на Украина. Во мај, земјите од ЕУ го финализираа договорот за испраќање на Киев еден милион гранати од 155 милиметри, како и проектили, до крајот на март следната година. Радев денеска ги повика новата влада и Министерството за одбрана да се грижат „повеќе за бугарската армија, а не за странските“ вооружени сили.

На Самитот на НАТО во Вилнус, Радев требаше да ја предводи бугарската делегација, но Владата пред два дена одлучи делегацијата да биде предводена од премиерот.

– Надворешната политика е заедничка одговорност на институциите и едностраното наметнување на ставовите на извршната власт не води до одржливо решение – изјави Радев коментирајќи ја одлуката премиерот Николај Денков да ја предводи бугарската делегација на Самитот на НАТО. Тој додаде дека и според Законот за одбрана и вооружени сили, како и според Уставот претседателот е врховен командант и во време на војна и во мир.

Лидерот на бугарската владејачка партија ГЕРБ и поранешен бугарски премиер, Бојко Борисов, во ходниците на Народното собрание во Софија, експресно му одговори на бугарскиот претседател Румен Радев, изјавувајќи дека владата на ниту еден начин не ја турка земјата кон војна.

– Ние во никој случај не ја туркаме земјата во војна – изјави Борисов, во коментарот до Радев, кој утринава изјави дека „курсот на новата влада е да ја турка Бугарија уште поблиску до војна. Немам причина да зборувам во име на Владата, можам да зборувам само во името на мојата пратеничка група. Целиот демократски свет и помага на Украина на кој и да е начин – истакна Борисов.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот