Борел најави помош од два милиони евра за поголема отпорност на Македонија, Албанија и Црна Гора

Жосеп Борел / Фото EPA-EFE/WU HAO

Еден од резултатите на Самитот ЕУ-Западен Балкан ќе биде најавата дека ќе обезбедиме дополнителни речиси два милиони евра со цел да ја зајакнеме отпорноста на Северна Македонија, Албанија и Црна Гора, порача високиот претставник за заедничка надворешна и безбедносна политика на Унијата, Жосеп Борел пред почетокот на средбата на врвот во Брисел.

„Во текот на оваа година многу патував во регионот. Го одржавме Советот за асоцијација во Албанија и Северна Македонија. И ние мора да продолжиме да се ангажираме повеќе со нив, особено на зголемување на отпорноста на кибер напади и новите форми на војување“, рече Борел.

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, тој нагласи дека живееме во тешко, предизвикувачко и опасно опкружување и тоа влијае врз  ЕУ, врз нејзиното соседство и врз Западниот Балкан, па затоа процесот на проширување мора да се забрза.

„Тоа е нашата најважна безбедносна гаранција и нашиот најважен начин да станеме партнери“, истакна Борел.

Според него, од надворешнополитички аспект ЕУ мора да ги поддржи оние земји од Западниот Балкан кои се поусогласени со заедничката надворешна и безбедносна политика, бидејќи од тоа зависи нивната отпорност на безбедносните предизвици.

„Работите се движат – полека, но се движат. И ние мораме да ги туркаме да продолжат по овој пат, бидејќи тоа е единствениот начин тие да имаат јасна европска перспектива“, порача Борел.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот