Бојкот на вториот круг – сериозна закана или предизборна реторика?

Митинг/Фото: „Слободен печат“/Драган Митрески

Опозицискиот лидер Христијан Мицкоски ги прозва тројцата функционери од власта да кажат дали нема да го бојкотира вториот круг, откако Пендаровски ќе изгуби во првиот круг, а од изборниот штаб на Пендаровски велат дека само Мицкоски зборува за бојкот.

Постои ли реална можност во вториот изборен круг на претседателските избори да не се постигне потребниот цензус од 40 отсто, односно некоја од партиите да одработи тивок бојкот, или пак обвинувањата на политичките опоненти се во доменот на предизборната реторика во кампањите?
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, ги прозва претседателот на државата и кандидат за втор мандат, Стево Пендаровски, како и лидерите на СДСМ и на ДУИ, Димитар Ковачевски и Али Ахмети, јавно да кажат дали ќе го бојкотираат вториот круг, ако разликата е 100.000 гласа во корист на претседателската кандидатка Гордана Силјановска Давкова.

Од медија центарот на Пендаровски ја отфрлаат опцијата за бојкот на вториот круг и потенцираат дека само ВМРО-ДПМНЕ игра на картата да пропаднат претседателските избори. Од досегашните настапи на претседателскиот кандидат на Европскиот фронт, Бујар Османи, тој не само што не планира бојкот, туку е убеден дека тој во вториот круг ќе атакува на столчето во „Вила Водно“.

Мицкоски спомнува шестцифрена разлика

Мицкоски од првиот предизборен митинг во Скопје ги прозва тројцата функционери од власта јавно да кажат дали нема да го бојкотираат вториот круг, откако Пендаровски ќе изгуби во првиот круг.

Митинг/Фото: „Слободен печат“/Драган Митрески

– Стево Пендаровски, освен тоа што цел мандат го помина како аналитичар без свое јас, а не претседател и личност со интегритет, ќе загуби катастрофално. Толку силно што во вториот круг нема да му се оди на избори. Овој Стево, кој ја прифати улогата на губитник, во неговото опкружување најмногу се плашеле од тоа како ќе го смират по првиот круг и како ќе го натераат да ја приврши кампањата докрај. Оттука, сакам да упатам јавно прашање до Ковачевски, Али Ахмети и Стево Пендаровски: доколку разликата во првиот круг помеѓу идниот претседател професорката Гордана Силјановска Давкова и поразениот Стево Пендаровски биде со шест цифри, дали тогаш вие, Димитар Ковачевски, Али Ахмети и Стево Пендаровски, ќе излезете и докрај ќе се борите за да изгубите целосно во вториот круг на претседателските избори или кукавички ќе бојкотирате – праша Мицкоски.

Тој додаде дека граѓаните во изминатиов период биле сведоци дека „СДСМ и ДУИ се спремни на секакви сценарија кога знаат дека ќе загубат“.

Фото: „Слободен печат“, Драган Митрески

Од изборниот штаб на Пендаровски за „Слободен печат“ велат дека само Мицкоски зборува за бојкот.

– Христијан Мицкоски е единствениот во Македонија што зборува за бојкот за вториот круг на претседателските избори, и пред граѓаните и пред дипломатската заедница, затоа што му е јасно дека ќе ги изгуби изборите во вториот круг. Анкетите што ги нарачува, можат малку да му го намалат стравот од губењето на изборите, но не можат сосема да го елиминираат – велат од Медија центарот на Пендаровски.

Мицкоски, за да ја поткрепи тезата дека власта игра на картата да го бојкотира вториот изборен круг и дека претходно веќе подготвувала различни сценарија само да остане на власт, во дуелот со Ковачевски рече дека едно од неуспешните сценарија кое ги пласирале во јавноста било и дека наводно лидерите на партиите од албанскиот политички блок потпишале нон-пејпер да не учествуваат во влада ако нема уставни измени.

Но, токму претседателскиот кандидат Османи денеска и официјално потврди дека таков документ постои потпишан од лидерите од албанскиот политички блок пред неколку месеци.

„Слободен печат“ веќе објави дека ниту една партија на Албанците нема да биде дел од новата влада ако нема уставни измени и дека е можен услов прво да има уставни измени, а потоа нова влада.

– Нема билатерален договор, туку повеќето политички партии што се сега во различни блокови имаат потпишано документ во кој се обврзуваат дека нема да бидат дел од влада без јасен договор за уставни измени. Затоа сум убеден дека прво ќе има договор, односно уставни измени, а потоа ќе има влада, а јас во тој период, како претседател, ќе го користам за постигнување на натпартиски и државен консензус по однос на овие прашања – рече Османи.

Ако тој стане шеф на државата, прва работа што ќе ја направи ќе биде да ги свика лидерите на политичките партии на состанок, на кoј нема да излезат додека не се постигне државен консензус и порача дека за Македонија нема алтернатива за членството во Европската Унија.

И претседателскиот кандидат на коалицијата Вреди, Арбен Таравари, остави период од најмногу шест месеци за спроведување на уставните измени, што е услов за нивно учество во составување на нова влада.

Арбен Таравари, претседателски кандидат Вреди, Фото: Фејсбук Таравари

– Не велам за месец, два или три, туку да не биде повеќе од шест месеци, со цел ова да заврши, и Македонија да ги продолжи преговорите со ЕУ – рече Таравари во дебата со Османи на ТВ21.

Ајдини: Бојкотот може да предизвика политичка криза

Политичкиот аналитичар Газменд Ајдини во интервју за „Слободен печат“, неодамна прашан дали може да се очекува бојкот на вториот круг на претседателските избори од гласачите Албанци, рече дека иако постои можност за тоа, тој не очекува тоа да се случи.

Газменд Ајдини/фото Слободен Печат/Слободан Ѓуриќ

– Хипотетички, постои можност за бојкот од албанското гласачко тело, но мислам дека тоа нема да се случи. Поверојатно е да се случи албанските политички партии да остават гласачите сами да се определат дали ќе гласаат и за кого ќе гласаат, но не знам ни тоа дали ќе се случи. Ние сме имале претходно ситуации каде лидери на албански партии рекле „на вас е драги гласачи дали ќе излезете и за кого ќе гласате“, но имало и случаи кога кажуваат „го поддржуваме овој и овој кандидат заради тие и тие причини“, како што беше последниот пример со Пендаровски – истакна тогаш Ајдини.

Според него, ако има бојкот тоа може да предизвика политичка и уставна криза во државата.

– Мислам дека нема да дојдеме во ситуација на бојкот, особено имајќи предвид дека тоа може да создаде една политичка криза ако не се постигне потребниот цензус за вториот круг, така што мислам дека бојкот нема да се случи – рече Ајдини.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот