Бојкот на наставата на првоодделенци во Гази Баба

Училиште ученици Македонија зима
Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Наставата на првооделенците во ОУ „Григор Прличев“, во Гази Баба е во прекин поради бојкот на родителите.

Тие донеле одлука  од 10 ти февруари 2022 година децата да не посетуваат настава, а како причина го наведуваат проблемот со целодневната настава.

– Информираме дека нашите деца ги запишавме во ова училиште во јуни 2021 година при што пополнивме анкетен лист за продолжен престој согласно Законот за основно образование.
Тогаш училиштето на никаков начин не ни даде до знаење, ниту понуди аргументи дека не може и нема услови да спроведе настава со продолжен престој, согласно Законот за основно образование и Упатството за продолжен престој. На почетокот на првото полугодие од тековната учебна година ни беше соопштено дека наставата ќе се одржува до 15часот, со еден наставник (кој е на замена поради породилно отсуство на редовниот наставник), а дека од второто полугодие наставата ќе се одвива со двајцата наставници заедно, согласно Упатството за продолжен престој во училиште од Законот за основно образование, се вели во реакцијата на родителите.

Проблемот настанал  кога наставничката која била отсутна се вратила од породилно боледување, но не сакала да ја одржува и целодневната настава како што правела нејзината заменичка. Поради тоа децата не можат да бидат згрижени во дневен престој.

– Бидејќи не добивме навремено известување и училиштето по своја волја си зеде за право одеднаш да ни ја скрати можноста за продолжен престој, побаравме средба со директорот на
училиштето. Од таму добивме информација дека децата ќе бидат „згрижени” по 12 часот со луѓе од стручната служба и други одделенски наставници, кои ќе се менуваат секоја недела, со изговор дека не е обезбеден буџет за уште еден наставник од Министерството за образование. Нашите деца не се експерименти да ги причувуваат или згрижуваат останати вработени во училиштето, наместо да следат настава со продолжен престој и поради тоа нема да дозволиме нашите деца да бидат средство за манипулација заради недостаток на финансии. Бојкотот е со цел да алармираме и побараме спроведување на настава со продолжен престој, како што беше понудено кога децата ги запишувавме во училиштето, велат родителите.

Од Општина Гази Баба велат дека се запознати со проблемот но тврдат дека решението не е во нивна надлежност.

– Запознаени сме со случувањата, но не можеме да го решиме проблемот бидејќи за да вработиме наставник мора да имаме одобрување од Министерството за образование. Ние побаравме да ни биде итно одобрено вработување и кога тоа ќе се случи ќе излеземе во пресрет на потребите на децата,  велат од Гази Баба.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот