Богдановиќ: Од надлежност на Т.Ц. „Беверли Хилс“ паркингот ќе оди во раце на Јавно претпријатие

Фото: Слободен печат/ Д. Митрески

Откако вчера по наредба на Општина Центар, полицијата ги отстрани наплатните рампи на паркингот со состав на трговскиот центар „Беверли Хилс“, денеска таму е хаос. Екипата на Слободен печлат забележа неколку блокирани возила, и голема колона возила за влез и излез од паркиралиштето.

Фото: Слободен печат/ Д. Митрески

Таму го затекнавме и претседателот на управниот одбор на здружението за оджување на трговскиот центар, Драги Савески кој што не уверуваше дека е апсолутна лага тврдењето на градоначалникот на Центар, Саша Богдановиќ дека куќарката за наплата и рампите се дивоградби, и затоа треба да се отстранат.

– Овој трговски центар го изградило претпријатието „Маврово“, кое што на почетокот управуваше и со паркингот, но подоцна бидејќи немаше голем финансиски бенефит, се откажа од управувањето. Ние оформивме здружение на сопственици и вработивме 16 луѓе, за одржување на трговскиот центар, кои сега ќе останат без работа. Апсолутно негирам дека има нешто нелегално во нашата работа. Имам и документ со кои се потврдува дека куќарката за наплата и рампите се легални. Ако се тие дивоградби, значи ќе излезе дека и сите дуќани во трговскиот се дивоградби, раскажува Савески.

Фото: Слободен печат/ Драган Митрески

Тој тврди дека од управувањето со паркингот на кој се наплатуваше 10 денари за еден час, имале доволно средства само за да ја платат струјата, и да обезбедат плати за вработените, и стравува дека сега ќе го преземе овој паркинг општинското претпријатие кое ќе ја зголеми цената за паркирање, и со тоа ќе ја намали работата на дуќаните, кои и така едвај преживуваат.

„Ние уште во 2011 година, побаравме да го откупиме земјиштето, и подготвени сме тоа да го направиме уште утре, ако ни биде одобрено, ама до сега одлука не сме добиле, се жали Савески.

Каков е ставот на општината, денеска го прашавме и Саша Богдановиќ кој тврди дека решението било донесено пред извесен период.

„Истите решенија се доставуваат до луѓето кои што на диво поставиле урбана опрема или започнале градба. Во тоа решение им се дава одреден рок во кој што таа градба треба да ја отстранат. Доколку не постапат според заклучокот, не само таму, туку и на други места, постапуваме ние, а трошоците ги плаќаат луѓето кои што ја поставиле урбаната опрема“, рече Богдановиќ.

Тој не сакаше да прецизира дали општината има план кому ќе му ги предаде ингеренциите за работа со паркингот.

– Станува збор за паркинг кој што е во сопственост на Република Македонија. Од пред извесно време откако ги преземавме ингеренците, со паркингот постапува општина Центар. Тоа значи дека општина центар треба да одлучи кој ќе стопанисува со тој паркинг. Ние имавме посета од финансова полиција и од други институции кои истражуваат стопанисување на места каде што немаат дозвола, односно немаат можност и сопственост. Тоа значи дека некој наплаќал на место што не е негово. Така да, прво тоа треба да го преиспитаат, објасни Богдановиќ, и појасни дека општината не прави приватизација, затоа не може да објасни зошто на здружението не му е дозволено да го откупи просторот.

Фото: Слободен печат/ Д. Митрески

„Сигурно имало некој спор зошто до сега не била завршена. Имаме случај каде што одредено здружение си направило фирма и почнува да наплаќа нешто што е државен имот. Тука треба некој друг да се преиспита зошто тоа е така. Ние имаме пријави од други сопственици на дуќани, од граѓани кои што знаат дека тој паркинг е на државата и сакаат да си го користат. Не може да го управува друг, кога тоа е во сопственост на општината. Ние правиме сообраќајни решенија за да го преземеме и тој паркинг да им го отстапиме на граѓаните. Доколку ги добиеме сите потребни дозволи, тој паркинг ќе го предадеме на јавно претпријатие кое што примарна дејност му е да го управува паркирањето“, завршува Богдановиќ.

Од друга страна, Здружението на граѓани денеска до општина Центар поднесе петиција против решение за уривање на наплатната куќарка и рампите, а за утре во 12 часот најавуваат протест пред општина Центар.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот