
Блесок на Јовановски и Митревски, тимот на Зарков го освои Прилеп
Ракометарите на Еурофарм Пелистер 2 со 32:29 го совладаа Прилеп во салата „Ристе Ристевски-Ричко“ во првото коло од новата сезона во машката Супер лига. Драматично пелагониско дерби, кое го следеше исполнета трибина и околу илјада љубители на ракометот.
Препорачано
Честопати резултатот беше израмнет и првиот дел заврши со минимална предност за играчите предводени од тренерот Александар Зарков од 16:15. Вториот дел подобро го отворија домаќините и Шабановиќ и Илиоски донесоа предност. Сепак, следеше серија на гостите, голови на Митревски и Белистојановски и при 20:18 за Еурофарм Пелистер во проблеми влезе тимот на Наум Танески.
Следеше игра гол за гол и тактичко надмудрување на двата тренери. Со два неодговорени гола на Димитар Димитриоски, еден од игра и еден од седмерец, Прилеп поведе на средина од вториот дел (23:22). Тогаш на сцена стапи Тунижанецот Мохамед Азис и битолчани пак ја вратија минималната предност. Со драма се влезе во последните 10 минути и секој напад беше подеднакво значаен.
Мартин Јовановски стапи на сцена и одбрани важен зицер од крило при 29:27 во 55 минута. Битолскиот тим се одвои на „плус три“ позитива и без драма го доби мечот со конечни 32:29.
Во екипата на Еурофарм Пелистер 2 се истакнаа Христијан Митревски со 10 голови и Маркоски и Белистојановски со по пет. Значаен придонес во триумфот имаше и голманот на Еурофарм Пелистер 2, Мартин Јовановски со 17 одбрани. Најефикасен кај Прилеп беше Димитар Димитроски со 10 погодоци.
Во следното коло составот на Еурофарм Пелистер 2 на 13 септември ќе го пречека Вардар 1961, додека Прилеп пред своите навивачи ќе се соочи со МРК Куманово.