Битолската „На дното“, „Домот на куклата“ на Турскиот театар и независната претстава „Поол“ се на програмата на МТФ „Војдан Чернодрински“

Сцена од претставата „На дното“ на Битолскиот народен театар

Народниот театар од Битола на 58. Македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ на 10 јуни, со почеток во 19.30 часот, ќе настапи на сцената на Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп.

Претставата „На дното“ е во режија на Ќендрим Ријани и е дел од официјалната програма на фестивалот. Улогите ги толкуваат: Соња Ошавкова, Валентина Грамосли, Елена Моше, Илина Чоревска, Викторија Степановска – Јанкуловска, Маја Андоновска-Илијевски, Марија Стефановска, Сандра Грибовска Илиевска, Анастазиа Христовска, Иван Јерчиќ, Петар Спировски, Мартин Мирчевски, Александар Димитровски, Никола Пројчевски, Александар Стефановски и Никола Стефанов.

Во 22 часот, на сцената на театарот „Војдан Чернодрински“, ќе биде изведена претставата „Домот на куклата“ во продукција на Турскиот театар од Скопје. Улогите ги толкуваат: Сузан Акбелге, Селпин Керим, Фунда Ибрахим и Емине Халил.

Во рамките на придружната програма на полноќ во кафе-бар „Тротоар“ ќе биде изведена „Поол“ во режија на Шенај Мандак.

Сцена од претставата „Поол“ во режија на Шенај Мандак

И денес се одржуваат придружните програми на фестивалот со промоција на наградените драми од „Еуродрам“, како и разговорите на тркалезната маса, овојпат за претставата „Црна дупка“ во режија на Љупчо Ѓоргиевски, на Струмичкиот театар.

Претходниот ден на фестивалот, 9 јуни, беше посветен на делото на Горан Стефановски, кој е автор во фокус на 58. МТФ „Војдан Чернодрински“. Група од 20-ина учесници основци, средношколци и наставници презентираа што научија во изминатите осум месеци во рамките на едукативната програма на фестивалот „Чернодрински за деца“. На работилницата учествуваа ученици од средното училиште „Ристо Ристески-Ричко“, „Мирче Ацев“, „Ѓорче Петров“ и основните „Добре Јованоски“ и „Блаже Конески“. Тие ја изведоа претставата „Јане Задрогаз“, а работеа под менторство на актерите Игор Трпчески и Илија Волчески.

Како дел од програмата на фестивалот беше промовирана книгата „Од текст до претстава: Феноменологија на сценскиот говор“ од Тодорка Балова. Според професорката д-р Јелена Лужина, книгата има чуден наслов со поднаслов.

– Ако насловот е разбирлив, поднасловот е синтакса која збунува, затоа што содржи термин феноменологија, кој е термин од 20 век и се дефинира како свест или нештото во свеста. Тоа е говорот кој можеме да го разбереме, односно зборува за сценскиот говор, кој има задача и функција…..- рече Лужина.

Во грижата за сценскиот гвоор таа се наврати на професорите по сценски говор, како Илија Милчин и Мето Јованоски, кој не случајно се наоѓа на самата корица на книгата.

– Книгата користи методологија ПРААД, што значи една медицинско терапевтска методологија. Таа ќе им помогне на сите актери кои што сакаат да работат врз себе. Тодорка Балова им направи прирачник, кој е прв научен труд за сценскиот говор. Тоа е необична книга и слободно можам да кажам дека македонската театарологија се занимава посериозно и поквалитетно од другите за сценски говор, а тука ја додавам и книгата од Роберт Вељановски – посочи Лужина.

Јелена Лужина и Тодорка Балова

Авторката Тодорка Балова објасни дека користела неколку дисциплини и дека е задоволна од успешната мисија, како и дека ѝ е задоволство што се зафатила со Горан Стефановски и со неговата култна претстава „Диво месо“.

Факултетот за драмски уметности од Скопје во фоајето од Центарот за култура „Марко Цепенков“ ја промовираше фондацијата „Горан Стефановски“, а Драмски театар од Скопје ја претстави штотуку востановената награда за драмски текст „Горан Стефановски“.

Сашо Кокаланов, продекан за настава при ФДУ во Скопје, образложи дека Горан Стефановски секогаш беше тука да ги поддржи младите автори, да им биде „ветер во грб“ особено во онаа, почетна фаза.

– Прилично скоро се роди идејата да се направи фондација „Горан Стефановски“ за да се зачува сета онаа оставштина од нашиот драг професор. Не се само драми напишани на македонски или на англиски јазик, не се само изведбите на тие драми, туку тоа е една драмска школа која треба да продолжи, драмска традиција која треба да се пресоздава. Сакаме да ги објавиме сите негови драми во едно големо издание, сакаме да го дигитализираме целото творештво на Горан Стефановски, да биде достапно на повеќе светски јазици. Вториот сегмент се однесува на поддршката на младите автори. Фондацијата ќе го поддржува и формалното и неформалното образование кај младите драмски автори, ќе ги стипендира. Поддршка, финансиска имаме веќе и од приватниот и бизнис-секторот – рече Кокаланов.

Директорот на Фондацијата, режисерот Александар Поповски, нагласи дека пораката што ја имавме од Горан Стефановски објаснува сѐ.

– Благодарен сум што сум дел од оваа „приказна“. Токму затоа, ќе прочитам дел од она што е есенцијата од намерата за основањето на фондацијата. Дел е од она што Горан ни го пренесуваше и ни го раскажуваше. Велеше: „Сите живи суштества се раѓаат со инстинктот на преживувањето. Пајаците за да преживеат имаат совршен вроден инстинкт за ткаење мрежи. Луѓето за да преживеат имаат совршен вроден инстинкт за ткаење приказни, за тоа кои се, што се, од каде доаѓаат и каде одат. За нас нема ништо поважно од овие приказни. Тие се срж на нашиот живот, столб на нашиот идентитет. Идентитетот е приказна за тоа кои сме, што сме, што сакаме, за да можеме да преживееме во суровиот свет. Ова приказна мора да е точна, заснована на познавањето на теренот, на длабок увид. Погрешната приказна може скапо да нѐ чини. Да не одведе во заблуда, во ќорсокак… Ниедна култура не може да опстане без точна, силна, автентична приказна“, велеше Стефановски. Оваа навидум едноставна порака беше дел и од предавањата и од соработката со Горан. Настојуваше фантастичното, пребогато минато кое го имаме, на автентичен начин, да го носи во некаква иднина – рече Поповски.

Александар Поповски, Викторија Рангелова Петровска и Сашо Кокаланов

Викторија Рангелова Петровска, директорка на Драмски театар од Скопје образложи зошто се востановува наградата „Горан Стефановски“ за најдобар драмски текст.

– Оваa година Драмски театар ја востановува наградата за најдобар драмски текст на млад автор до 30 години, награда која ќе го носи името на Горан Стефановски. Идејата е многу благородна и истовремено е оддавање должна почит на авторот кој, практично, направи голем успех и за себе, и за Драмски театар во периодот кога се изведуваа неговите текстови. Најголемите успеси на Драмски театар се врзуваат кога се изведуваа претстави според текстови на Стефановски и ние сме должни да му оддадеме почит. Им даваме поддршка на младите драмски автори да се реализираат и да го продолжат дејствувањето и да го продолжат континуитетот на македонската драматургија. За нас тоа е битно, зашто мислам дека младите автори се најпрогресивни, најотворени во делата кои ги пишуваат – рече Рангелова Петровска.

Струмичкиот театар на фестивалот ја изведе претставата „Црна дупка“, која е дел од официјалната програма, а истиот текст на Стефановски го изведоа и студентите од ФДУ.

Покровители на 58. МТФ „Војдан Чернодрински“ се: Министерството за култура и Општина Прилеп. Спонзори на фестивалот се: „Пакомак“, „Витаминка“, Прилепска пиварница. Пријатели на фестивалот се: Центарот за култура „Марко Цепенков“ – Прилеп, Градската библиотека „Борка Талески“ – Прилеп, „Театар за сите“, „Самоглас“, Умно.мк, Јавен простор – Прилеп, „Гледај.мк“, „Театроск“, Факултет за драмски уметности, „Донирај компјутер“, „Урбан ера“. Пријатели на фестивалот се: „Бит крафт“, „Карé“ и „Смарт Ливинг“, Македонија осигурување, „Крин производство“ Прилеп, „Аура“, Клуб „Калинка“, Кафе-бар „Тротоар“, Кафе бар „Чоше“, Кафе бар „Лувр“, „Брос бургерс“, „Монарка гастробар“, пекара „Алекс“, Национален ресторан „Македонска куќа“, Центарот за современа ликовна уметност – Прилеп, Такси 5, „Лусио Стор“ и хотелите „Кристал Палас“, „Атлас“ и „Салида“. Медиумски покровители се Македонската радио-телевизија и Трн.мк.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот