Битиќи: Да гледаме кон регионалната конкурентност, наместо кон регионалната конкуренција

Битиќи на Бизнис форум во Загреб/Фото: Влада на РСМ

Нашиот поширок регион треба да работи на приближување на синџирот на снабдување до границите на Европската унија. Бидејќи далечните пазари за снабдување се покажаа неодржливи, треба да гледаме кон регионалната конкурентност, наместо кон регионалната конкуренција, да создадеме пазар што ќе ги компензира производите што доаѓаат од тие далечни земји и ќе стане силен и сигурен партнер за целата Европска Унија. Процесите на „Near” или “Friend Shoring” се неизбежни и ние како регион мора да ја искористиме шансата, рече денеска вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи на бизнис форумот во Загреб.

На Форумот, што го организира Стопанската комора на Хрватска, присуствуваат претставници од Стопанската комора на Северна Македонија, Стопанската комора на Северозападна Македонија, Сојузот на стопански комори, како и голем број компании од двете земји.

Битиќи пред присутните истакна дека Хрватска како земја членка на ЕУ е дел од единствениот пазар на Унијата, кон кој се стреми и нашата држава, како и дека додека се подготвуваме за влез, многу стандарди се веќе усогласени со оние на Унијата.

– Искуствата на Хрватска ќе ги земеме како лекции за побрзо интегрирање на нашата земја. Одлично е што денеска овде имаме претставници од коморите кои верувам дека можат да ја интензивираат соработката меѓу бизнисите во Хрватска и Северна Македонија, бидејќи преку формализиран пристап од двете страни ќе има поголема двонасочна комуникација и убеден сум дека таа би била плодна, бидејќи преку системско и темелно артикулирање на барањата на компаниите можат да се најдат соодветни решенија за надминување на предизвиците, заклучи Битиќи.

На Бизнис форумот претставници на Кабинетот на вицепремиерот Битиќи пред присутните имаа и презентација за можностите и условите за инвестирање во нашата земја.

Од Владата информираат дека во рамки на Бизнис форумот вицепремиерот Битиќи  имал билатерална средба со хрватскиот вицепремиер и министер за море, промет и инфраструктура, Олег Бутковиќ на која разговарале за искуствата на Хрватска во пристапните преговори со ЕУ, како и унапредување на регионалната конкурентност како катализатор на процесот за Северна Македонија и земјите од регионот.

На средбата, како што се наведува, двајцата потпретседатели зборуваа и за билатералниот договор за одбегнување на двојното даночење помеѓу Република Хрватска и Република Северна Македонија.

-Министерствата за финансии на двете земји, Република Хрватска и Република Северна Македонија, ќе ги дорегулираат сите дополнителни права и обврски кои се однесуваат на договорот за одбегнување на двојното даночење меѓу Република Хрватска и Република Северна Македонија, со цел компаниите на двете земји да имаат право на одбиток на ДДВ за промет остварен во другата земја, се вели во соопштението.

Пред започнување на Бизнис форумот состанок одржаа и претставници на коморите на двете држави, на кој се приклучија и потпретседателите Бутковиќ и Битиќи. На состанокот беше присутен претседателот на Хрватска стопанска комора, Лука Бариловиќ, претседателот на македонско-хрватскиот бизнис клуб, Иво Усмиани, претседателот и извршниот директот на Стопанската комора на Северна Македонија, Бранко Азески и Антони Пешев, претседателот на Стопанската комора на Северозападна Македонија, Неби Хоџа, потпретседателот на Сојузот на стопански комори, Орце Симов како и амбасадорот на Република Северна Македонија во Република Хрватска, Милаим Фетаи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот