Бислимоски: Од скопски „Водовод“ лажат дека не побарале водата да поскапи, еве ги документите

Марко Бислимоски/ Фото: Слободен печат /Драган Митрески

„Јавното претпријатие „Водовод и канализација“ лаже дека не побарало поскапување на цената на водата“, вели претседателот на Регулаторната комисија Марко Бислимоски, откако од јавното претпријатие испратија соопштение кое го нарекоа „демант“, во кое се тврди дека информацијата оти водата во Скопје ќе поскапи ја нарекува „лажна вест“.

Бислимоски во изјава за „СДК.мк“ вели дека на 11 ноември претпријатието доставило барање за утврдување на тарифа за водна услуга, потпишано од тогашниот в. д. директор Марјан Митовски, а РКЕ ги има документите кои тоа го потврдуваат.

„Еве ги барањата кои ги доставија до нас за нови тарифи за водоснабдување, собирање и одведување на отпадни води и прочистување на отпадни води. Ние одлуката на подготвителната седница ја донесовме врз база на овие барања. Ако не сакаат да поскапи водата како што велат сега, нека ги повлечат барањата. Ама бидејќи не знаат што сакаат и лажат, ние конечна одлука нема да донесеме“, вели Бислимоски.

Од „Водовод“ побарале минималното зголемување да биде да биде 2,5 денари по метар кубен, а максималното 5,3 денари, додека РКЕ на седница одобрила минимално поскапување од 0,76 денари за метар кубен, а максимално од 3,4 денари. Скопските домаќинства во просек трошат по околу десет кубици вода, што значи дека сметките ќе бидат повисоки за најмалку седум, а најмногу 34 денари.

Од „Водовод и канализација“ во „демантот“ велат дека „во согласност со Законот за утврдување цени на водните услуги се доставува известување за зголемените трошоци на претпријатието по основ на електрична енергија и енергенси во форма на барање за утврдување на тарифите за водните услуги, барање кое е доставено во 2022 година“, но дека тие не побарале од Советот на Град Скопје поскапување на водата.

РКЕ потврди дека „Водовод“ побарал повисока цена на водата во Скопје, „Водовод“ вели: Не сме барале

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот