Бич филм фестивал: Европски филмови ќе се гледаат на плажа и на брод

Третото издание на Фестивалот на нов европски филм „Бич филм фестивал“ почнува на 22 и ќе трае до 26 јули, а ќе се одржи на две нови локации во Охрид, на градската плажа „Св. Стефан“ пред хотелот „Холидеј-М“ и на бродот „Армада“.

Покрај сите неизвесности причинети од глобална ситуација со коронавирусот, Фестивалот на нов европски филм „Бич филм фестивал“ (Beach Film Festival) во своето трето издание ќе се одржи од 22 до 26 јули. Претходните две години фестивалот се одржуваше на плажата „Оревче“ во Градиште, но овој пат ќе се случува на две нови локации, градската плажа „Св. Стефан“ пред хотелот „Холидеј-М“ во Охрид и на бродот „Армада“, на кој публиката ќе гледа филмови крстарејќи по Охридското Езеро.

Според директорката Ана Опачиќ, програмата на „Бич филм фестивал“ е насочена кон презентација и промоција на новата европска кинематографија и новите европски филмски автори. На третото издание ќе бидат прикажани филмови од 14 земји, а најмногу од Медитеранот. Голем дел од филмовите во официјалната селекција ќе се прикажуваат премиерно во регионот. Покрај премиерните проекции на европски филмови, во рамките на фестивалот ќе се одржи и премиерата на филмот „ТМ“ во режија на Ивица Димитријевиќ и Мартин Иванов, со што традиционално фестивалот ќе биде затворен со филм од домашна продукција.

Жирито, кое е составено од три филмски уметници, Наташа Петровиќ – актерка, Вардан Тозија – режисер и Елена Станишева – продуцентка, ќе одлучува за најдобрите филмови и ќе ги додели наградите за најдобар долгометражен филм, најдобар краткометражен филм и најдобар студентски филм. Исто така, жирито ќе одлучува и за наградата „Стефан Сидовски“ за најдобро актерско остварување. Наградата е воведена на второто издание на фестивалот во чест на синеастот што ја задолжи македонската (како професионална, така и независна) кинематографија, професорот Стефан Сидовски – Сидо.

Во склоп на фестивалот ќе се одржат и две едукативни работилници, тридневна работилница под мото „Озвучи ја својата имагинација“, предводена од актерката и театролог Христина Цветаноска, и работилницата на тема „Од филм без буџет до долгометражен филм“ со Ивица Димитријевиќ и Мартин Иван, која е во соработка со „Еuropean film Challanege“ и е поддржана од Делегацијата на ЕУ.

Фестивалските ноќи на третото издание ќе започнуваат со поинаков распоред. Секоја вечер на зајдисонце фестивалските врати ќе се отвораат со музичка програма и настапи на македонски филмски уметници, актери, театарџии и филмаџии, меѓу кои Оливер Миткoвски – Dj Gentile, Тино Костадиновски, Долорес Поповиќ, Борјан Стојков, Сергеј Димовски, Лука Кантарџиев, Лазар Христов, кои ќе ја подготвуваат атмосферата за удобно кино-доживување на плажа во летните вечери, со почеток на проекциите од 21 часот до полноќ.

Според протоколот за одржување настани, на влезот ќе се одржува просторна дистанца од 2 метри, ќе се мери температура, задолжително ќе биде носење маска и дезинфекција на рацете, а ќе биде забрането поместување на седиштата. Билетите се пуштени во онлајн продажба на „Купи карти за сѐ“ по цена од 100 денари. Првата фестивалска вечер е за млади и ќе биде бесплатна, а за проекциите на брод потребна е претходна резервација во инбокс на фејсбук-страницата на фестивалот.

– Ние ќе се грижиме за вашата безбедност, Ве замолуваме да го почитувате протоколот и ве очекуваме на 22 јули на плажата „Св. Стефан“ во Охрид. Локацијата е сменета, но енергијата е таа – најави директорката Ана Опачиќ.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 40, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 18-19 јули 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот