Бети алијас Клара Бос е со нас, и баш е „бос“ во кујна

Елизабета Јосифовска е прехранбена техничарка и сточарски инженер. Уште од мала имала афинитети за готвење, особено гледајќи ја својата баба, која често знаела да ја повика пред да спрема нешто слатко. Подоцна, една од занимациите на Бети била да ги препишува рецептите од тефтерот на мајка си. А тоа пак, ѝ дало идеја и сама да си креира нови рецепти со нејзината другарка.

– Секогаш сакам нешто ново да зготвам. Да пробам дали ќе успеам да го изведам како треба, или пак нови вкусови од другите кујни, традиционални јадења кои бараат и пракса, секако се предизвик. Ова го работам со мерак и љубов. Неодамна, освен во порталите каде што сум започнала да пишувам рецепти под псевдонимот Клара Бос, како стартен автор на сајтот „Мои рецепти“, започнав малку посериозно да ги пишувам рецептите и на свој блог „Кујната на Клара Бос“, како и на фејсбук-страницата наречена „Клара Готви“. Секако, за сè треба време… прво да се приготви, па да се дотера, да се фотографира, да се избере добра фотографија, да се претстави рецептот. Но, кога се работи со љубов ништо не е тешко – ни рече Елизабета.

Оваа вистинска шефица во кујна ни открива три рецепти.

Сникерс сладолед

Потребно е: 250 гр маскарпоне, 100 гр путер од кикиритки, 100 гр кондензирано млеко, 3 сникерс чоколатца, 300 мл слатка павлака.

Подготовка: Изматете ја слатката павлака. Посебно изматете го маскарпоне сирењето со путерот од кикиритки и кондензираното млеко. Додадете ги ситно сецканите сникерс чоколатца и повторно изматете ги да се соединат. На крај, додадете ја изматената слатка павлака и финално убаво сè изматете. Ставете ја смесата во плиток калап и оставете го сладоледот во фрижидер преку ноќ да се здрви.

Тоцети

Потребно е: 400 гр брашно, 200 гр шеќер во прав, 3 јајца, 80 гр омекнат путер, ½ лажиче сода бикарбона, 10 мл ликер, 100 гр лешници, 100 гр бадеми.

Подготовка: Овој рецепт е толку брз што пред да почне да се спрема веднаш се вклучува рерната на 180 степени. Плехот од рерната обложете го со пек-хартија. Во садот за месење се ставаат сувите состојки и се мешаат. Потоа се додаваат останатите состојки и се меси мазно тесто, а на крај се додаваат лешниците и бадемите. Тестото се дели на 3 дела и секој дел се обликува во долгнавеста тенка векна. Векните се редат раздалечени во плехот и се печат 15 минути. Потоа се вадат, и секоја векна се сече на парчиња. Секое парче се враќа во плехот завртено на исечената страна, па се печат во рерна уште 5 минути.

Лиснати морковчиња

Потребно е: 1 пакување лиснато тесто, 1 лажиче црвен пипер, врзоп свеж копар, 1 јајце, 200 гр изварка, 1 полна лажица мајонез, 2 лажици кисела павлака, 3 лажици грашок од конзерва, 50 гр кашкавал, 50 гр салама и 1 помал варен компир. Подготовка: Растенчете го тесто и исечете го на ленти со ширина од 1-1,5 см. Обвиткајте ги конусите спирално со по една лента. Од едно парче лиснато тесто може да добиете околу 16 конуси. Изматете го јајцето со вилушка и додадете го црвениот пипер и повторно изработете го со вилушката да се соедини, па премачкајте го со четче секој конус. Конусите наредете ги во плех обложен со пек-хартија и печете ги на 200 степени Целзиусови, 20 минути. Кога се готови, оставете ги да се оладат, па потоа извадете ги од калапите. Павлаката, изварката и мајонезот соединете ги. Исечкајте ги компирот, кашкавалот и саламата на многу ситни коцкички, додадете го грашакот и сè измешајте заедно. Ставете го филот во мала ќеса на која ќе го отсечете ќошот или со мало лажиче за чај полнете, филувајте ги лиснатите конуси. На крајот на секој конус ставете гранче свеж копар.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот