Бектеши: ЕВН ќе пресметува, државата ќе контролира, РКЕ ќе го има последниот збор за цената на струјата

Фото: Драган Митрески / Слободен печат.

Министерот Бектеши, објанува дека претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски ќе има право да интервенира во цената, ако се утврди дека пресметките на ЕВН не се правилни. Од новиот универзален снабдувач се очекува да понуди помала профитна маржа за да се намали цената на енергијата

Цената на електричната енергија од 1 јануари идната година нема да се зголеми и во тарифните блокови, но и во целина. Од 2024 година пресметките за цената на електричната енергија ќе ги прави ЕВН, но последниот збор за цената ќе го има Регулаторната комисија за енергетика, која ќе прави надзор на пресметките, дециден е министерот за економија Крешник Бектеши. Според него, нејзиниот претседател Марко Бислимоски ќе има право да интервенира во цената, ако се утврди дека пресметките не се правилни. Тој очекува на новиот распишан тендер за избор на универзален снабдувач со електрична енергија за домаќинствата и за малите потрошувачи да се избере конкурент со помала профитна маржа, со што би можела да се намали цената на струјата на регулираниот пазар. Актуелен универзален снабдувач е ЕВН Хоме, а наскоро ќе има нов повик за следните пет години.

„Во моментот се прават анализи од РКЕ и од надлежните институции во делот на блоковите, затоа што сакаме повеќе да ги заштитиме ранливите категории граѓани, оние што штедат и оние што се предвидени во согласност со Министерството за труд и социјална политика и, секако, во согласност со она што е предвидено како ниски приходи од страна на Министерство за економија“, рече Бектеши.

Во однос на профитната маржа која во моментот е околу 11 отсто, министерот е убеден дека таа следната година ќе биде пониска.Тој објасни дека најголемо влијание на цената на струјата има маржата, која ќе ја понуди универзалниот снабдувач.

„Универзалниот снабдувач со тендерска постапка конкурира за профитна маржа, која ќе ја има за следните пет години. Моментално е нешто над 11 отсто во согласност со тендерот што беше пред пет години. Наредната година ќе видиме каква цена ќе добиеме. Јас сум убеден дека ќе биде под 11 отсто. Имајќи ги предвид сите влезни параметри и, секако, снабдувањето што се прави кон МЕПСО во делот на загубите и системските услуги што тие ги даваат. Ние не можеме да влијаеме само во делот на маржата што се добива во тендерска постапка од универзалниот снабдувач. Дали тоа ќе биде 10, 11 , 12 или, пак, 9 или 8, тоа ќе зависи од понудите што ќе бидат добиени наредната година во делот на универзалниот снабдувач“, рече Бектеши.

Како што е познато, приватната енергетска компанија ЕВН добива дел од ингеренциите за пресметка на електричната енергија која ќе ја трошат и плаќаат граѓаните. Од РКЕ, завчера истакнаа дека крајниот збор за цената е во рацете на ЕВН, но министерот за економија, повтори дека пред да биде објавена пресметката, таа мора да добие зелено светло од РКЕ.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот