
Батерија помала од паричка трае 50 години без полнење: На пазарот доаѓа во 2025
Кинески научници создадоа нуклеарна батерија која може да генерира енергија до 50 години без полнење. Технологијата, која користи радиоактивни изотопи на никел, ќе биде прва од ваков вид што ќе биде достапна за купување, објави компанијата „БетаВолт“ (BetaVolt).
Препорачано
Кинеските научници најавуваат дека масовното производство ќе започне веќе во 2025 година.
Новата батерија се вика БВ100 (BV100) и е помала од паричка – широка и долга е 15 милиметри, а дебела 5 милиметри. Таа е способна да произведе 100 микровати енергија. Доколку е дозволено да се користи за уреди како паметни телефони, идните генерации на батерии нема да треба да се полнат, изјавија претставници на компанијата, пренесува „Лајвсаенс“ (LiveScience).
This tiny radioactive battery can last 50 years without recharging — and it’s coming in 2025 https://t.co/hy9zipRQvh
— Live Science (@LiveScience) January 24, 2024
Научникот од Универзитетот во Флорида, Хуан Клаудио Нињо, е скептичен за овие најави.
– Оваа големина значи дека има релативно мали радиоизотопи и дека може да произведе само 0,01 отсто од потребната електрична енергија. Секако доволно за пејсмејкер или пасивен безжичен сензор. Но, во сегашната форма, нема доволно батерија за напојување на телефонот – изјави тој за „Лајвсаенс“.
Како што додаде, нуклеарните батерии се веќе добро позната технологија. Тие се развиени во раните педесетти години и произведуваат енергија кога радиоактивните изотопи се распаѓаат во други елементи. Како што се распаѓа радиоактивниот елемент, батеријата создава енергија. Тоа значи дека нуклеарната батерија може да трае со децении, па затоа се користи за напојување на авиони или научни станици, каде опремата понекогаш стои без надзор неколку години. Тие се користат и за пејсмејкери.
Батеријата Бетаволт БВ100 користи никел-63 како радиоактивен извор и е сместена помеѓу две ултра тенки дијамантски плочи, кои ја претставуваат четвртата генерација на дијамантски полупроводници.
Според компанијата, планот е масовно производство на батерии, а продажбата на поголема верзија од еден вати енергија се очекува веќе во 2025 година. Се проценува дека енергетската густина во БВ100 е 10 пати поголема отколку кај литиум јонските батерии.