Бајден му даде ултиматум на Нетанјаху

Џо Бајден / Фото EPA-EFE/ALLISON DINNER

Американскиот претседател Џо Бајден соопшти дека САД ќе ја прекинат помошта за Израел доколку невините цивили продолжат да страдаат во Газа. За време на 30-минутниот телефонски разговор, Бајден му рече на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху дека Израел мора да преземе итна акција за да ги заштити животите на цивилите и да дозволи храната да тече во Газа или САД ќе ја намалат поддршката за воената кампања на Израел против Хамас.

Тој додаде дека нападите врз хуманитарните работници и тешките услови за живот на цивилите во Газа се неприфатливи. Да потсетиме, во понеделникот за време на израелскиот напад врз возилата на хуманитарната организација Ворлд Центер Китчен (ВЦК), загинаа седум хуманитарни работници, меѓу кои имаше државјани на Австралија, Британија и Полска и еден двоен државјанин на САД и Канада.

Телефонскиот разговор на Бајден со Нетанјаху укажува на значајна промена во неговиот пристап кон Израел по нападот врз хуманитарните работници. Поточно, администрацијата на Бајден очекува Израел да отвори повеќе премини за помош за Газа, да дозволи повеќе камиони со храна да пристигнат и израелската војска да обезбеди премин за хуманитарните работници.

Портпаролот за национална безбедност на Белата куќа, Џон Кирби, изјави за новинарите дека Бајден бара Израел да преземе конкретни чекори „во следните часови и денови“ за да ги олесни тешките услови за живот во Газа. „Ако не видиме промени од нивна страна, ќе има промени од наша страна“, рече Кирби.

Бајден и високи американски претставници со месеци велат дека се загрижени поради неселективното бомбардирање на Газа од страна на Израел, бројот на цивилни жртви и блокадата на залихите со храна. Нешто слично прокоментира и Доналд Трамп, кој за време на вчерашното интервју изјави дека Израел ја губи „војната“.

„Морате да ставите крај и да се вратите во нормала. И не сум сигурен дека ми се допаѓа начинот на кој го прават тоа затоа што мора да има победа. Мора да имате победа, а за тоа е потребно долго време“, рече Трамп.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот