Бај Гањо, не си играј со Штатите

Марин Гавриловски, Фото Архива

САД, или „Штатите“ како што популарно ги викаат во Бугарија, нема да дозволат дел од бугарските политичари кои сè уште ги немаат заборавено уроците добиени во партиско-шпиунските школи на БКП-КГБ да ја направат Бугарија „Тројански (руски) коњ“ во срцето на НАТО и во Европа.

Бугарија е земјата од регионов што во изминативе два века имала најдобри односи со Русија. Колку и да изгледа неверојатно од денешна перспектива, особено ако ги следите секојдневните драмолетки на српскиот претседател Вучиќ, Србија треба уште долго да ѝ се додворува на Русија за да го преземе приматот на нашиот источен сосед. Барем така говорат историските факти.

Кога влегувате во Софија од страна на Македонија, на првиот кружен тек на кој ќе наидете се наоѓа споменик во облик на обелиск, кој е наречен „Руски паметник“ (изграден во 1882 година). Споменикот е подигнат во знак на благодарност кон Русија за ослободувањето на Бугарите од турското ропство. Имено, Бугарија успева да се извлече од канџите на Отоманската Империја благодарение на руско-турската војна (1877-1878). Ослободувајќи се од власта на Портата, Бугарите не биле свесни дека ги очекува уште една, но овој пат многу посилна железна прегратка отколку отоманската, чии што стисоци се чувствуваат дури и денес. Одејќи понатаму, низ центарот на Софија, наспроти зградата на Народното собрание се наоѓа споменикот на царот ослободител. Логиката налага дека споменикот би требало да биде посветен на бугарскиот цар што ја ослободил Бугарија, но тоа не е така. Среде Софија во 1903 година е подигнат споменик на рускиот цар Александар Втори, вистинскиот ослободител на Бугарите. Благодарноста на бугарскиот народ кон рускиот цар и војска не запира тука. Најголемата црква во Софија, изградена во почетокот на минатиот век, го носи името на рускиот кнез од 13 век, „Св. Александар Невски“, кој во 2008 година бил прогласен за најголемата личност во руската историја.

Сето ова е разбирливо, ако се има предвид фактот дека токму Русија е идеен творец и иницијатор за склучувањето и за потпишувањето на фамозниот Санстефански мировен договор на 3 март 1878 година (датум што Бугарија го прославува како свој национален празник) според кој било планирано територијата на Бугарија да се зголеми за териториите на речиси цела Македонија, делови од денешна Србија (Пирот и Врање) и Грција (Северна Тракија и дел од Источна Тракија). Договорот е потпишан во селото Сан Стефано во близина на Истанбул помеѓу претставниците на Руското Царство и на Отоманската Империја. Бугарија не му останува должна на еден од потписниците на договорот, па една од најфреквентните улици во Софија го добива името на познатиот поборник на рускиот експанзионизам, дипломат и државник грофот Игнатиев. Се разбира, побудите на Русија во никој случај не биле алтруистички и насочени кон спас на угнетениот бугарски народ од турскиот јарем, туку биле сосема прагматични и геостратегиски. Нивната цел била преку проектот голема Бугарија да го прошират и да го зацврстат своето влијание на Балканскиот Полуостров. Тоа не им се допаднало на другите големи сили, првенствено на Австро-Унгарија и на Велика Британија, па идејата за санстефанска Бугарија останала пуста нереализирана желба, но имињата на улиците, плоштадите и на спомениците останале до ден-денешен да сведочат за големата благодарност на бугарскиот народ кон руските ослободители.

Втората епизода од љубовната приказна помеѓу Русија и Бугарија се случува во средината на минатиот век, по завршувањето на Втората светска војна, па сè до падот на комунизмот. Тоа е период во историјата познат како „вечнаја дружба“ во кој тогашната Народна Република Бугарија е една од најзначајните, најревносните и најпослушните членки на источниот блок. Просторот издвоен за овој текст е мал за да може да се набројат бистите на Ленин и на Сталин, спомениците подигнати во стилот на соцреалистичкиот брутализам кои го величаат Советскиот Сојуз, а биле изградени на територијата на нашиот источен сосед. Анегдотски, граѓаните на Софија го раскажуваат настанот според кој бугарските раководители, откако разбрале дека во Софија ќе допатува висока партиска делегација од Москва предводена од тогашниот советски лидер Леонид Брежњев, наредиле за најкус можен рок (станува збор за денови, не месеци) да се изгради булевар што би ги поврзал аеродромот со центарот на Софија. Овој проект бил реализиран со молскавична брзина, а „товариш“ Брежњев бил експресно транспортиран по новиот булевар. Не без причина, во тоа време, со малку потсмев, се зборувало дека Софија морала да се јави во Москва за да праша кое е точното време на часовникот.

Како и на секоја љубов од интерес, така и на оваа и дошол крајот по падот на комунизмот и со доаѓањето на демократијата, и во Бугарија и во тогашниот Советскиот Сојуз, кој го губи приматот на втора суперсила и матица на земјите сателити од Варшавскиот пакт. Со тоа не завршува руско-бугарската сага. Иако формално се раскинува врската помеѓу државите, руското влијание врз Софија останува уште долго да виси како Дамоклов меч над судбината на земјата што во историјата ќе биде позната како регрутен центар на кадри што низ светот ќе ги извршуваат највалканите задачи на советските тајни служби (доволно е само да се споменат обидот за убиство на папата Јован Павле Втори и убиството на бугарскиот дисидент Георги Марков во Лондон).

Но, од „романтичната“ историја да се вратиме во суровата реалност. Две изјави на врвни бугарски државни претставници дадени во врска со агресијата на Русија врз Украина нè потсетија дека папочната врска помеѓу Бугарија и Русија сè уште не е целосно прекината. Имено, доскорешниот министер за одбрана на Бугарија, Јанев (инаку колега и близок соработник на актуелниот претседател Румен Радев и генерал во пензија на бугарската армија) беше експресно сменет од својата функција (и покрај негодувањето на Радев) поради тоа што не сакаше руската воена инвазија врз Украина да ја нарече со вистинското име, туку ја користеше реториката на Москва. Неговиот пак претпоставен, врховниот командант на бугарската армија и претседател Румен Радев (исто така пензиониран генерал и воен пилот) во изјава за бугарските медиуми рече дека давањето воена помош на Украина, во овој момент, би значело одбирање страна во конфликтот!? Замислете, претседател на држава членка на Европската Унија од 2007 година и членка на НАТО од 2004 година, изјавува дека неговата земја не требало да заземе страна во конфликтот. Извинете, господине Радев, но граѓаните на Бугарија одлучија да ја заземат страната на прогресивниот демократски свет уште пред осумнаесет години и секакво двоумење за тоа значи враќање на Бугарија на старата позиција на најверен руски вазал во регионот. Секако, ова не остана незабележано од американската администрација, па при посетата на Софија на секретарот за одбрана на САД, Лојд Остин, минатата недела, не беше предвидена средба со бугарскиот претседател.

Речиси во исто време до Софија е испратена уште една порака. Познавачите на околностите претпоставуваат дека ниту апсењето на поранешниот бугарски премиер Бојко Борисов не е случајно и тоа се поврзува, помеѓу другото, и со неговата некооперативност во случајот со Македонија и со ветото на Бугарија за почетокот на преговорите на нашата земја со Европската Унија. Знаејќи колку е кревка и подложна на надворешни (читај, руски) влијанија – демократијата во најмладата земја членка на НАТО, бугарското кочење не може никако поинаку да се разбере освен како оставање отворена вратата за дестабилизација на уште една земја од Балканот, која како резервна можност за дефокусирање на состојбата во Украина ѝ стои на располагање на Путинова Русија.

Можноста од дестабилизација секако ќе беше значително намалена доколку Македонија ги почнеше пристапните преговори за полноправно членство во ЕУ, факт што во повеќе наврати на Борисов и на бугарската држава им беше потенциран во најдиректна форма (без дипломатски ракавици и флоскули) од страна на американската администрација. Игнорирањето на тој факт, изгледа скапо ќе го чини Борисов. Цената, пак, што ќе ја плати Радев, доколку веднаш не ги „ревидира“ своите проруски ставови, ќе ја видиме во најскоро време.

Бугарските граѓани на крајот од минатиот век јасно кажаа дека никогаш повеќе нема да се вратат во железната прегратка на Москва, тие го одбраа патот на демократијата, онаа проевропска, односно евроатлантска, а САД, или „Штатите“ како што популарно ги викаат во Бугарија, нема да дозволат дел од бугарските политичари што сè уште ги немаат заборавено уроците добиени во партиско-шпионските школи на БКП-КГБ да ја направат Бугарија „Тројански (руски) коњ“ во срцето на НАТО и во Европа. Во Бугарија предвидувам големо персонално „проветрување“ (кое е веќе почнато) на кадрите чие политичко сонце сепак ќе зајде таму од каде што е дојдено – на истокот. „Штатите“ во Бугарија ја потрошија својата толеранција и фин вокабулар. Доаѓањето на сегашниот бугарски премиер Кирил Петков (дипломец на Харвард) е доказ дека САД нема така лесно да дозволат повторен пребег на исток.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот