Аутопсија на МПЦ

Благојче Атанасоски
Благојче Атанасоски. / Фото: Архива на Слободен печат

Наместо да го собира „народот“ за да протестира против не знам ти каков уште не влезен во собраниска расправа закон за родова еднаквост, поглаварот и останатите владици на МПЦ треба да дадат одговор за милионските суми кои ќе ги „лапнат“ од зградите во најурбаното градско јадро, на паркингот спроти хотелот „Холидеј ин“.

Кога бев студент на последипломските студии по политички науки на скопскиот Правен факултет, тогашниот професор што ја водеше катедрата на смерот „применета политика“, за добивање оценки по три стручни предмети, наместо класично теоретско испрашување/испитување ни даде обемна проектна задача, која требаше да ја направиме тимски за да ги положиме испитите. По поделбата на обврските, се паднав со еден колега кој денес е дел од раководството на најрадикалната политичка парламентарна партија кај нас, имено политичката партија „Левица“. Имавме задача да направиме сеопфатно проектно истражување за културно-историските споменици кои се наоѓаат на територијата на поширокиот скопски регион.

Како човек припадник на муслиманската вероисповест, тој ги зеде културно-историските споменици од отоманскиот период на Македонија (исламски културно-историски споменици), јас пак од рановизантискиот и од средновековниот христијански период од историјата на Македонија. Што би се рекло требаше да ги истражувам многувековните манастири и цркви во скопскиот регион. Паметам, во еден студен јануарски ден, веднаш после најголемиот христијански празник на Христовото раѓање – Божиќ, се упатив кон една постара црква во строгиот центар на градот, за да добијам што повеќе библиографски податоци за црквата, потребни за проектот. Кога се упатив кон црквата, клисарот прво ме најави кај попот, а тој прво дрско со раката одмавна да се оддалечам кога му се приближив за да го распрашам за потребните информации. Во тој момент, во еден мал скромен автомобил, тој веќе ги ставаше последните шишиња зејтин и вино, во наполнетото со овие „продукти“ возило, оставштина од богоугодниот сиромав народ, кој за најголемиот христијански празник во духот на традицијата ги оставил и во оваа црква. Овој поп сигурно ги товарел зејтините и вината за да ги раздаде по верниците потоа. Бидејќи, нели, тие живеат за и од Бога.

МПЦ е моралниот бунар на македонскиот народ!

Не дека после овој пример што го видов со свои очи јас го дефинирав мојот став за огромниот број попови, владици и други свештени лица низ црквите и манастирите на Македонија, бидејќи знаев и претходно дека, чест на исклучоци, зад црните свештени мантии се кријат и аморални, расипнички вампири, кои на најдолен и примитивен начин го злоупотребуваат името божјо, но со примерот се уверив со свои очи, за да не треба да верувам на „ојлевци и дојлевци“ кои (рас)кажувале исти или слични примери.
И покрај тоа што од дете сум верник, и редовно одам во црква (најчесто во таа во која сум крстен во населбата Капиштец), јас секогаш правев дистинкција помеѓу религијата, како духовност и духовна потреба, и Македонската православна црква како „институционализирана врска“ на ѓомити наша легитимација со господ Бог. Уште од мал, кога ги гледав на телевизија тие собири на Синодот на МПЦ во струшкото село Калишта, кога владиците и поповите доаѓа со ултралуксузни, скапи автомобили, додека народот во преносна и во буквална смисла на зборот немал леб да јаде, јас чувствував гадење од тие маскирани свештени лица. Почнувајќи од првиот, кој освен парадерската функција да се појавува од Божиќ до Велигден, секоја година да ја препрочита истата честитка до верниците, друго ништо суштинско и содржајно ниту кажал ниту направил за верниците, до останатите владици кои наместо да служат за обединување на нацијата и да бидат од реална помош за сиромашните и обесправените, на тие на кои најмногу им треба помош, тие мешајќи се во политиката создаваа раскол и раздор меѓу граѓаните.
Овој, како го викаа, господинот, господинот, во суштина за МПЦ е тоа што е Бранко Црвенковски за Македонија. Едно големо парадно, завиено во фина обланда ништо. Дури можеби поголемо ништо од збирот на ништото на Црвенковски и Груевски. Тоа што Бранко беше за македонската економија, стопанство и стандард на македонските граѓани во транзициските криминални деведесетти и тоа што Груевски беше за надворешно-политичките перспективи и внатрешно-политичките (не)прилики за Македонија, тоа е Стефан за своите верни верници и поданици. Жалното е само што се уште некој и му верува. Всушност, многумина му веруваат.

Кога поранешниот српски патријарх Павле почина во 2009 година, на улиците во Белград излегоа повеќе од милион граѓани и верници да го испратат својот патријарх во поворката до вечното почивалиште. Бидејќи нашите северни соседи, Србите, го чувствувале како вистински духовен татко на нацијата, кој се возел со трамвај и со градски јавен превоз, и секогаш бил тука за сиромасите и за несреќните. Да им се најде на помош. Нашиов не е станат од суперлуксузно возило со кое го пренесуваат од настан до настан. Да не грешам душа, ама не сум го видел во „5“ или „57“, релациите на ЈСП кои најмногу ги користам.

Немаат грам срам, ниту образ

Како и се друго во оваа одамна уништена и упропастена држава, Македонската православна црква беше репрезент на македонското дно, на македонската мизерија, дури би си дозволил да кажам и на македонскиот криминал и корупција. Наместо да го собира „народот“ за да протестира против таму не знам ти каков уште не влезен во собраниска расправа закон за родова еднаквост, поглаварот и останатите владици на МПЦ треба да дадат одговор за милионските суми кои ќе ги „лапнат“ од претстојните згради во најурбаното градско јадро, на паркингот спроти хотелот „Холидеј ин“.

Нели можеа нешто од вратениот, денационализиран имот да подарат за изградба на болница, па еве и за сиропиталиште за да се лекуваат болните или да се згрижуваат напуштените деца? Толку ли се алчни и дрчни за станови, за милиони и камиони, како секој македонски арамбаша во политиката?! Не, тие се поалчни и позлобни, помизерни и подолни, бидејќи се криете зад името Господово и го злоупотребувате него за лични, материјални цели.

Јас да сум на власт, како најголем верник, би ве оданочил во првите сто дена и вас и ИВЗ, бидејќи се претворивте во сива оф шор криминална зона, бетер од Општина Арачиново. Во која не се знае кој плаќа. Односно, се знае: народот. А вие јадете и пиете. Ќе горите во пеколот, јас да ви кажам. Се лажете себеси, ако мислите и ако се самозалажувате дека некако и некој ќе ви ги испере гревовите. Господ нема таков вениш. Од вас полицемери – нема!

(Авторот е политиколог)

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот