Арсовска: Булеварот Боца Иванова во Бутел ќе се гради, Костовски да не манипулира

Данела Арсовска
Данела Арсовска / Фото: Фејсбук, Данела Арсовска

Проектот за изградба на булеварот Боца Иванова во општина Бутел е еден од клучните проекти на програмата „За модерно Скопје”, програма за која гласаа 120.000 граѓани жители на градот Скопје и тој ќе се гради, соопшти денеска на прес-конференција градоначалничката на Скопје Данела Арсовска откако жителите на дел од општината каде што ќе се гради булеварот протестираа дека дел од булеварот навлегува во нивниот приватен имот.

Арсовска рече дека проектот датира од 2002 година, а го обновил и поранешниот градоначалник на Скопје Коце Трајановски во 2012 година. Таа појасни дека проектот се простира на државно земјиште, а земјиштето за кое се жалат граѓаните е узурпирано.

Булеварот се простира на државно земјиште, но сепак, во еден дел од трасата каде што треба да се изгради овој булевар постојат десетина семејства кои ги прошириле своите дворови на тоа државното земјиште врз кое е предвидена изградбата на овој булевар, а со тоа и го узурпирале земјиштето, што според член 225 став 1 од Кривичниот законик е казниво дело. Градот Скопје нема намера да врши кривичен прогон на граѓани, но сакам да апелирам до граѓаните во овој дел на општина Бутел да не потпаѓаат под политичките игри и манипулации на политиканти кои се обидуваат да ги инструментализираат во својата нечесна политика. На крајот, одговорноста за узурпацијата на земјиштето нема да биде на градоначалникот на општина Бутел Дарко Костовски, туку на оние кои го узурпирале земјиштето – рече Арсовска.

Арсовска го повика градоначалникот на Бутел, Костовски да не манипулира со граѓаните дека Градот планира изградба на висококатници.

„Деталниот Урбанистички план на општина Бутел со кој се предвидува изградба на 7 згради кои излегуваат на булеварот Боца Иванова  го направил тогашниот градоначалник Петре Латиновски, а го изгласале во 2015 токму советниците во советот на општина Бутел од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. Овој ДУП за изградба на 7 згради кој го изгласале токму од ВМРО-ДПМНЕ е се уште на сила и во ниту еден момент во оваа измината година Дарко Костовски не реагирал да ги поништи овие 7 објекти ниту на вцртувањето на нови згради во Бутел. Ова значи дека, ВМРО-ДПМНЕ не само што дозволиле да се впишат за изградба 7 згради на овој булевар, туку тие и го донеле планот за изградба на овие згради“, рече Арсовска.

Таа го повика Костовски, доколку навистина се залага против урбаната мафија како што кажа, ќе го реализира тоа што го вети и просторот за изградба на згради ќе го пренамени за изградба на нов, модерен парк со содржини за спорт и рекреација.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот