Антрополошка фотоизложба: Сонот како одбранбен систем против грубата реалност

Фотографската изложба „Спијачите спијат, сонуваат само сонувачите“ на македонскиот фотограф Игор Христов од 4 март е поставена во Културно-информативниот центар на Република Северна Македонија во Софија.

Документарната фотоизложба „Спијачите спијат, сонуваат само сонувачите“ на Игор Христов содржи 20 дела, фотографирани во три држави: Тајланд, Перу и Еквадор. Темата која Христов ја обработува со изложбата е од социјален карактер и ги следи луѓето кои спијат во јавна околина: по улиците, по пазарите, парковите, станиците.

– За да ги направам фотографиите ме инспирираше храброста на тие случајни сонувачи да си го отпуштат телото и удобно да се наместат пред илјадници минувачи и слатко да потонат во друга реалност. Тие спаѓаат во групата на сонувачи, а не на спијачи! Сонот е уметност. Сите што сонуваат несвесно градат едно уметничко дело со слики, ситуации, карактери, симболи, исто како и филмскиот режисер или поетот. Проектот е реализиран единствено во тие три држави, прво, заради егзотичноста на природата и карактерите што на самата изложба ѝ даваат антрополошки ракурс. Второ, зашто навистина луѓето во Тајланд, на пример, немаат проблем ако не прават ништо да си легнат и да поспијат или сонуваат пред својата импровизирана тезга, додека илјадници луѓе поминуваат на улицата. Сонувањето надвор од домот во тие држави е претворено во култ, а сонот им станува одбранбен систем против грубата реалност – открива Христов.

Фотографот смета дека темата и изложбата имаат потенцијал да се претворат во поголем проект, но засега пошироката слика ја гледа во начинот на презентација на фотографиите во вид на перформанс со план да бидат поставени во пошироки галерии, каде што публиката ќе може да ги разгледува од хоризонтална, легната положба.

Игор Христов (1982, Скопје) е филмски режисер и пасиониран фотограф. Како тинејџер завршил курс по фотографија во „Народна техника“. Во 2003 година се запишал на Националната академија за филм во Софија, Бугарија, насока филмска и телевизиска режија. Како студент имал можност да сними три кратки филмови на 35 мм лента. Магистрирал во 2010 година на тема „Естетиката на магичниот реализам во киното“. Негови кратки филмови се наградени во Јапонија, Кина, Полска, Чешка, Шпанија, Турција. Ова е негова прва самостојна фотоизложба.

– Моите соништа повеќе се поврзани со филмската уметност, но на фотографијата секогаш ѝ се враќам како кај првата љубов. Во денешно време сме преплавени од фотографи. Секој доби можност да слика со својот мобилен телефон и да мисли дека станал фотограф. Има реална опасност фотоуметноста да се претвори во халтура (бесполезна работа) и поради тоа кон неа пристапувам со големо внимание и нежност. Мојата посветеност кон фотографирањето е како кај месечарите (лунатиците). Добивам некој порив да го земам фотоапаратот и со затворени очи излегувам на улицата и скитам сѐ додека не ми се допадне светлината, композицијата или карактерот и тогаш ги отворам очите и го штракнувам копчето за да ја замрзнам таа реалност – објаснува Христов.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 71, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 6-7 март 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот