Срѓан Ивановиќ / Фото: Слободен печат

Антиваксерите и цената што треба да се плати

Предлагам на нашите антиваксери да им се дадат пари од буџетот и навремено да го обезбедиме колективниот имунитет.

Околу 11 проценти од граѓаните на Македонија не веруваат дека коронавирусот постои, а уште три проценти од испитаниците во анкетата нарачана од нашата влада немаат одговор на ова прашање. Врз основа на истражувањето, 73 проценти од граѓаните изјавиле дека немаат прележано ковид-19, 51 отсто дале потврден одговор на прашањето дали ќе се вакцинираат, 18 проценти сè уште не одлучиле, а 28 отсто изјавиле дека не размислуваат да се вакцинираат. Од сите овие бројки, единствено загрижувачка е онаа дека 51 процент од граѓаните се подготвени за имунизација, односно дека 49 проценти не се подготвени да ја подадат раката за што поскоро да ѝ се стави крај на заразата.

Периодот на ниска стапка на заразеност, според експертите, ќе потрае до крајот на летото, што претставува извонредна прилика за здравствените власти непречено да го извршат процесот на вакцинација, со што ќе се избегне новиот пик на заразата најавен за октомври. Дотогаш би било идеално најмалку 60 проценти од популацијата во земјава да биде имунизирана, иако можеби и овој процент нема да биде доволен, па ќе треба да се сторат дополнителни напори за да се зголеми бројката на вакцинирани. Но како да се стори тоа? Како да се сузбие антиваксерството? Како на некој што не верува дека вирусот постои, иако досега речиси 5.300 негови сограѓани, пријатели и роднини починале од ковид-19, да му се докаже неопходноста од имунизацијата? Мислите дека со објавување на научни трудови тие ќе се убедат? Секако дека не. Можеби би помогнало кога верските лидери би упатиле јавен апел кон верниците да се вакцинираат, но неколкупати веќе се уверивме во текот на пандемијата дека од првенците на религиозните организации во Македонија не треба да се очекуваат никакви чуда, па затоа на нашите власти им преостанува само уште еден „адут во ракавот“ со кој би се согласило населението на вакцинација. Секако дека не мислам на системот на принуда, туку на систематски поткуп, кој владата би го оквалификувала како награда. Едноставно, секој вакциниран граѓанин ќе добиде парична награда и сигурен сум дека тоа ќе ја заврши работата во целост.

Не постои земја во светот која нема проблем со антиваксерството во својата популација. Во САД се организираат наградни игри, во Велика Британија вакцинираните граѓани се движат послободно од тие што одбиваат да се имунизираат, а во Србија се делат пари. Пари дава Владата на Србија за секој вакциниран граѓанин, а во акцијата се вклучија и сопственици на големите трговски центри, па и тие споделуваат вредносни ваучери за вакцинираните. Тоа предизвика стампедо на пунктовите за вакцинација, па од 9.000 лица дневно кои во текот на претходната недела се вакцинирале, бројката на двени имунизации кај нашиот сосед се искачи на речиси 40 илјади.

По цена од 30 до 50 евра по лице, државата ќе може да ја заврши имунизацијата на населението, кога веќе потфрлила во образовниот процес. Поткупот е често користена алатка во дипломатијата, политиката и контролирањето на општествените динамики уште од времето на Рим и Византија. Затоа предлагам на нашите антиваксери, на оние 11 проценти што не веруваат дека вирусот постои, на оние три проценти што не знаат дали постои и на оние 28 проценти што се колебаат околу вакцината, да им се дадат пари од буџетот и навремено да го обезбедиме колективниот имунитет.

Инаку на сите „неверници“ во вирусот би им порачал дека вирусот воопшто не го интересира дали некој верува во него, ниту, пак, му треба стимул за да ја продолжи заразата. Ама попусто. Дај ние да го платиме тоа и да се посветиме на други теми.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот