Анкара инсистира да ѝ се испорачаат 86 „ѓуленисти“, Македонија ќе се брани од притисок со меѓународното право

Турскиот амбасадор во Македонија Хасан Мехмет Секизќок / Фото: Архива

За секој случај треба поединечно да се испитува за што се бара екстрадиција. Самото тоа што некој бил член на одредена политичка партија, генерално кажано, без да се наведе друга причина, е многу сиромашна и неаргументирана основа за барање екстрадиција – смета судијката Цаца-Николовска

Властите на Република Северна Македонија велат дека ќе постапат во согласност со домашните закони и со меѓународните договори во врска со барањето на официјална Анкара за депортација и екстрадиција на 86 турски државјани од земјата. Турција ги обвинува за соработка со, како што ја нарекува, терористичката организација ФЕТО на Фетула Ѓулен.

– Според меѓународното право, јасно се знае што мора да има исполнето од документација за да може да се направи екстрадиција, секако, покрај претходната проверка дали тие луѓе воопшто се во територијата на Северна Македонија – велат за „Слободен печат“ од Владата. Оттаму додаваат дека Министерството за правда соработува со турските власти за ова прашање.

Маргарита Цаца Николовска, меѓународен судија, за „Слободен печат“ вели дека секое барање за екстрадиција треба поединечно да се испитува.

Мора да се види за секој случај за што се бара екстрадиција. Самото тоа што некој бил член на одредена политичка партија, генерално кажано, без да се наведе друга причина, е многу сиромашна и неаргументирана основа за барање екстрадиција. Треба конкретни податоци и докази за да се даде оценка дали има основа за екстрадиција или не. Државата сигурно ќе постапи по сите овие основи и ќе одлучи. Екстрадицијата е еден легитимен правен инструмент, но тој бара претходно да се исполнат конкретни услови – нагласува Цаца-Николовска.

Таа вели дека треба да се разгледуваат и правата на луѓето за кои се бара екстрадиција.

На другата страна на вагата се стават правата на луѓето за кои се бара екстрадиција. Дали е слобода на изразување, здружување или нешто друго. Имаат право на фер постапка. Ако во некоја држава има проблем со фер постапката, тогаш постои можност тие да не се екстрадираат. Има многу работи што се елемент на испитување. Треба да се види под кои услови овие турски државјани престојуваат во земјава и слично – додава Цаца-Николовска.

Претседателот на Советот на амбасадори на СРМ, поранешниот амбасадор Мухамед Халили, вели дека на меѓународен план турското барање за екстрадиција може да ѝ нанесе проблеми на државата.

– Овде се во прашање две работи. Едно е што Анкара не се откажува веќе четири години од барањето за екстрадиција и со ова е можно да се ризикуваат односите меѓу Скопје и Анкара. Второ, ова барање за екстрадиција ги ризикува уште полошо односите меѓу Северна Македонија, ЕУ и САД, бидејќи и САД и ЕУ имаат забелешки за човековите прави. Ако не се постапи според меѓународните конвенции, тогаш Северна Македонија ризикува да ги наруши односите со Турција, но и полошо и со ЕУ и САД – изјави Халили за „Слободен печат“.

Спротивно на Халили, аналитичарот Алберт Муслиу смета дека барањето за екстрадиција на турските власти нема да ги влоши односите меѓу Македонија и Турција.

Согласно меѓународните стандарди, сите случаи се индивидуални и сите случаи може да се спроведат низ институциите на системот на индивидуално ниво. Ако има правосилни судски одлуки за одредени луѓе, верувам дека Турција би побарала екстрадиција и би ја добила, но не може таа да се спроведе со некој список и луѓето просто да се притворат и да се екстрадираат, затоа што ние имаме обврски и кон меѓународните институции – изјави Муслиу за РСЕ.

Турскиот амбасадор во Скопје, Хасан Мехмет Секзичок, деновиве јавно побара државата да депортира 86 турски државјани обвинети за тероризам во Анкара. За 20 од нив официјално се стигнати барања за екстрадиција. Амбасадорот Секзичок изјави дека „структурите на ФЕТО и понатаму се присутни во Република Северна Македонија, затскриени зад завесите на приватните образовни институции и трговски компании“.

– Сите овие барања се испратени со властите на Северна Македонија, но досега не се преземени чекори во оваа насока – рече амбасадорот Секзичок.

„Слободен печат“ контактираше со неколку турски образовни центри во земјава за да добие одговор дали се чувствуваат загрозени, но од ниту еден од нив не доби одговор. Тие велат дека не знаат за кои образовни институции амбасадорот зборувал, затоа што не спомнал ниту една конкретно.

Турската амбасада упати вакво барање и пред четири години, по неуспешниот пуч во Турција на 15 јули 2016 година, кога загинаа повеќе од 250 лица, а околу 2.000 беа повредени.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот