Ангажирана изложба на Кристина Божурска: Уметност со потенцијал да ја обликува социјалната реалност

Во галеријата на Културно-социјалниот простор „Центар-Јадро“ претставен е партиципативниот проект „Домашна работа“ на Кристина Божурска, која е позната со својата ангажирана уметничка работа.

Визуелната уметница Кристина Божурска во своите дела користи мноштво техники и материјали, вклучувајќи готови предмети, сликарство, цртеж, текст и видео. Суштина на нејзината практика е социо-политичкиот контекст, каде преку изборот на материјали и визуелни референци директно ги коментира актуелните проблеми.

Во март 2021, КСП „Центар-Јадро“ распиша конкурс за реализација на партиципативен уметнички проект. По разгледувањето на пристигнатите апликации, жирито го одбра проектот на Кристина Божурска „Домашна работа, наша работа“. Божурска го развиваше својот проект во периодот март-јули, во кој свое активно учество земаа Јана Иванова, Јована Лалчевска, Грегор Пешевски, Благица Стојанова, Ивона Здравева, Денис Денчиќ, Софија Краљевска, Исидора Божиновска и Лукас Картер. Во текот на својата работа, таа соработувала и со реномираниот куратор од Словенија, Тевж Логар.

Во проектот „Домашна работа“ нејзина цел била да развие експериментални и колаборативни форми на уметничка пракса, каде што фокусот бил насочен кон процесот и можностите што произлегуваат од тој процес.

– Нашата почетна точка на онлајн работилниците беше разгледувањето на дела од автори чиј главен фокус е социјалниот ангажман. Потоа го користевме ова искуство како средство за отворање дискусија, правење паралели со личните животи, мобилизирање на идеи и иницирање акција. Младите учесници беа охрабрени да го препознаат потенцијалот што уметноста може да го има во обликувањето на нашата социјална реалност. Тие беа охрабрени да создадат и свои уметнички дела со различни достапни материјали со цел да посочат на социјалните теми и проблеми од нивната локална заедница, притоа носејќи ја уметноста на неочекувани јавни простори.

Создавањето на пињати пред КСП „Центар-Јадро“ не однесе во друга форма на учеството на публиката. Креиравме настани за дружење со соседите и случајните минувачи и заеднички изработувавме предмети потребни за изложбата. Пињатите се направени од донирани, непотребни хартии од домашни задачи, кои потоа беа персонализирани со текстови, напишани и собрани од младите учесници на онлајн работилниците. Кршењето на пињатите на отворањето на изложбата беше метафоричка „катарза“, симбол на личното и колективно дејствување на разбивање на несаканата реалност и „пишување“ и замислување на нова иднина со поголема емпатија, сочувство и разбирање – истакнува Божурска во својот текст за целите и фазите на проектот.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 89, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 17-18 јули 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот