
Американскиот државен секретар Блинкен попладне ќе пристигне во Скопје
Американскиот државен секретар Ентони Блинкен попладнево треба да пристигне во Скопје, каде што ќе учествува на 30. Министерски совет на Организацијата за безбедност и соработка во Европа – ОБСЕ, што се одржува од денеска до 1 декември. Учеството на ОБСЕ самитот, тој ќе го почне со средба со шефот на дипломатијата и претседавач на ОБСЕ, Бујар Османи.
Препорачано
Во текот на посетата на Северна Македонија, државниот секретар ќе се ангажира со колегите од ОБСЕ за реафирмација на цврстите заложби на САД во ОБСЕ и главната мисија на организацијата да промовира безбедност, стабилност и соработка меѓу државите, со посебен акцент на човековите права и мирно решавање на споровите, соопшти портпаролот Метју Милер.
Блинкен исто така ќе ја истакне главната улога што ОБСЕ ја игра во промоција на продлабочената безбедност низ регионот и ќе се заблагодари на Северна Македонија за нејзината лидерска улога, се вели во соопштението.
Џејмс О’Брајан, помошник државен секретар на САД за Европа и Евроазија на брифинг со медиумите изјави дека на состанокот Блинкен ќе зборува и за подршката на САД и сојузниците за Украина.
Министерскиот состанок во Скопје го одбележува токму присуството на првите дипломати на САД и Руската Федерација Ентони Блинкен и Сергеј Лавров, што го прави еден од ретките настани на кој ќе се најдат двајцата на исто место од почнувањето на руската инвазија на Украина во февруари 2022 година. Засега нема најава за средба на Блинкен и Лавров.
За доаѓањето на шефот на дипломатијата на Руската Федерација Лавров, земјава и Бугарија времено ги суспендираа санкциите воведени од ЕУ за прелети на руски авиони поради руската агресија на Украина.
Лавров доби привремена дозвола да лета низ бугарскиот воздушен простор
По потврденото присуството на Лавров, форумот решија да го бојкотираат министрите за надворешни работи на Украина Дмитри Кулеба и на балтичките земји – Естонија, Летонија и Литванија.
Балтичките земји ќе го бојкотираат состанокот на ОБСЕ во Скопје поради присуството на Лавров
Украинскиот министер Кулеба одби да учествува на Самитот на ОБСЕ во Скопје
На самитот присуство потврди и високиот претставник на ЕУ за заедничка надворешна политика и безбедност Жозеп Борел, кој вчера истакна дека ќе присуствува на официјалната вечера, но потоа ќе мора брзо да се врати поради другите средби во Брисел. Тој посочи дека нема да разговара со рускиот министер за надворешни работи Лавров, а истакна дека е завршена главната работа на новите европски санкции против Русија поради војната во Украина и изрази надеж дека соодветната одлука ќе биде усвоена во декември.
На најголемиот политичко-дипломатски настан што се случил во државава од осамостојувањето, ќе учествуваат 76 делегации од 57 земји членки и држави партнери на Организацијата.
На Министерскиот состанок се очекуваат одлуки за изборот на претседавач за 2024 година, за што на подготвителниот состанок на амбасадори на 57-те земји членки неделава во Виена е постигнат консензус тоа да биде Малта, а треба да се одлучува и за буџетот, како и за именувања за клучните позиции во институциите на ОБСЕ.