
Америка испраќа 200 војници во Газа како дел од првата фаза од договорот за мир
Израел и Хамас се согласија за првата фаза од планот на американскиот претседател Доналд Трамп за Газа, договор за прекин на огнот и ослободување на заложници, што би можел да го отвори патот за крај на крвавата двегодишна војна на Блискиот Исток.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Само еден ден по втората годишнина од нападот на милитантите на Хамас што го предизвика разорниот напад на Израел врз Газа, индиректните разговори во Египет резултираа со договор за почетната фаза од рамката од 20 точки на Трамп за воспоставување мир во палестинската енклава, објави Би-би-си.
Клучни податоци за мировниот план
-
Израел го одобри планот за примирје и ослободување на заложници во Газа, потврди кабинетот на премиерот Бенјамин Нетанјаху
-
Нетанјаху го нарече примирјето „историски момент“ и му се заблагодари на Трамп
-
САД испраќаат 200 војници во Израел за надгледување на примирјето
-
Трамп изјави дека израелските заложници би можеле да бидат ослободени во понеделник или вторник
-
Израел најпрво ќе ослободи стотици палестински затвореници, ќе започне повлекување на војската од делови на Газа и ќе овозможи влез на стотици камиони со хуманитарна помош дневно
Израел ја одобри првата фаза од прекинот на огнот
Израелската влада одобри рамка за ослободување на сите заложници, соопшти рано денес канцеларијата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.
Краткото соопштение за X се фокусираше на ослободувањето на заложниците, но не спомена други делови од планот на американскиот претседател Доналд Трамп за прекин на војната во Газа. „Владата штотуку одобри рамка за ослободување на сите заложници – живи и мртви“, се вели во соопштението.
Потоа канцеларијата ги сподели изјавите што Нетанјаху ги даде на состанокот за одобрување на рамката за ослободување на заложниците, заедно со американскиот претставник Стив Виткоф и зетот на Трамп, Џаред Кушнер.
„Се наоѓаме на значајна пресвртница. Во последните две години се бориме за да ги постигнеме нашите воени цели. А централно место за тие воени цели е враќањето на заложниците. Сите заложници, живи и мртви. И тоа наскоро ќе го постигнеме“, рече Нетанјаху.
„Помошта на Соединетите Американски Држави и храброста на нашите војници кои влегоа во Газа, комбинираниот воен и дипломатски притисок, го изолираа Хамас и нè доведоа до оваа точка“, рече Нетанјаху.
Договор за прекин на огнот
Израел и палестинската милитантна група Хамас постигнаа почетен договор рано во четврток како дел од напорите за прекин на конфликтот. Договорот – делумно посредуван од САД – вклучува ослободување на сите заложници и повлекување на израелските трупи на договорената линија во Газа.
Израел ќе ослободи околу 250 Палестинци кои отслужуваат доживотна казна затвор и околу 1.700 други притворени по нападите предводени од Хамас пред две години, кои ја предизвикаа војната.
Порано во четвртокот, висок функционер во палестинската група во странство, Калил ал-Хаја, рече дека Хамас верува дека војната во Газа е завршена.
Ал-Хаја истакна дека палестинската делегација добила уверенија од медијаторите и американската администрација дека „војната е целосно завршена“. Ал-Хаја е исто така шеф на преговарачката делегација на Хамас во разговорите за прекин на огнот.
Хамас „даде одговор што им служи на интересите на палестинскиот народ и го запира крвопролевањето“, рече тој, осврнувајќи се на договорот заснован на мировниот план на САД.
„Потврдуваме дека жртвите на нашиот народ нема да бидат залудни и дека ќе останеме верни на нашето ветување и нема да се откажеме од националните права на нашиот народ: да постигнеме слобода, независност и самоопределување – соопшти милитантната организација.
Улогата на Трамп во мировниот процес
Претседателот на САД, Доналд Трамп, објави на социјалните мрежи: „Синоќа постигнавме значаен напредок на Блискиот Исток, нешто за што луѓето велеа дека никогаш нема да се случи. Ја завршивме војната во Газа и навистина, на многу поголема основа, создадовме мир“.
Со договорот се предвидува сите 48 израелски заложници да бидат ослободени во рок од 72 часа или нивните останки да бидат вратени во Израел. Според израелските информации, се верува дека 20 се живи.
Околу 200 американски војници ќе помогнат во следењето на договорот за прекин на огнот во Газа, изјавија американски претставници. Не беше јасно каде ќе бидат стационирани војниците, но претставниците, кои зборуваа под услов на анонимност, нагласија дека американските војници нема да бидат распоредени во Газа.
Во меѓувреме, претседателот на израелскиот парламент го покани Трамп да одржи говор за време на неговата планирана посета на Блискиот Исток. Амир Охана рече дека е „длабока чест и привилегија“ да го покани Трамп да одржи официјално обраќање до нацијата пред Кнесетот.
„Израел чека претседател на мирот“, напиша Охана на X, нарекувајќи го Трамп „најголем пријател и сојузник на еврејскиот народ во модерната историја“.
Трамп посочи дека планира да патува на Блискиот Исток „многу наскоро“, можеби веќе во недела.