Али со акламација

Фото: Слободен печат

Ниту еден од 800-те присутни делегати на партиската конвенција во тие критични моменти на реизборот немаше храброст да изусти ниту еден збор. Тензијата што го исполни празниот простор во салата им ги натежна плешките на претставниците од 36 ограноци на партијата, кои согласно со демократската традиција за изборот на партискиот лидер го предложија само неговото име – Ким Џонг-ун или како што милуваат да го нарекуваат нагалено неговите партиски соборци – Али Ахмети.

Никој не знаме точно со колку гласови победи Али Џонг-ун на партиските избори во владеачката Демократска унија за интеграција(ДУИ), на чие чело се наоѓа од моментот на формирањето, кога од воената 2001-ва влеговме во изборната 2002 година. Никој не знаe бидејќи лидерот беше избран со акламација, со аплауз, со френетично ракоплескање од делегатите што му доделија уште еден мандат на водачот.

Цели 17 години Јосиф Висарионович Џугашвили Ахмети ги предводи своите интегративци низ опасните води на македонската демократија, успевајќи да им одолее на сите предизвици. На некои претходни избори ДУИ имаше 17 пратеника во Собранието, на последните освои 10 места во законодавниот дом. Но, тоа не е битно. Никој не го мери рејтингот на Јосип Броз Али, човекот што на преминот од 2001 и 2002 година ја соблече маскирната униформа, облече костум и влезе во политиката.

Не дека немаше премрежја во работата. Најтешко му беше во периодот од 2006 до 2008 година, кога беше приморан на опозициска дејност. Тогаш партнер на Никола Груевски и ВМРО ДПМНЕ беше ДПА на Мендух Тачи. Тешки времиња беа тоа, но фала Богу, траеја кратко. Набргу дојде договорот со Груевски и почна периодот на среќната коалиција.

По цели осум години Ахмети реши дека е време да се оди со нови партнери и повторно да биде дел од владејачката гарнитура. Некои негови заменици отпаднаа, во партиското пусулче беа додадени нови имиња, па се стокми списочето на министри, заменици и директори, кои сега ќе работат демократски, нережимски и совесно. Само Муамер Али-Гадафи е неприкосновен, тој е во право и кога греши.

Не знам дали на претходните изборни конвенции во ДУИ, Ахмети некогаш имал противкандидат. Но, човек ќе помисли дека по 17 години владеење, ќе се најде некој член на ДУИ кој ќе размислува поинаку. Кој ќе каже дека партијата има послаб рејтинг, дека членството е незадоволно и дека е потребно ново раководство и нов лидер.

Не знам за друг пример во некоја друга партија, каде што лидерот има бланко доверба од сите ограноци, од сите делегати на партискиот конгрес и од сите свои блиски и помалку блиски соработници и тоа во текот на 17 години. Ваква едномисленост може да спореди само со периодот на едноумието. Јосип Броз Тито за доживотен претседател на СФРЈ беше изгласан со посебен законски акт, изгласан од Сојузното собрание на поранешната федерација. Не знам од кои причини истото не се направи и во ДУИ, партиските дела да го изгласаат Али Ахмети за доживотен претседател, а во статутот да се внесе клаузула, со која на партијата ќе ѝ се гарантира учество во која било наредна владејачка коалиција.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот