Албин Курти: Србија презема акции и го поткопува мирот и стабилноста во регионот

Албин Курти/Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Косовскиот премиер Аљбин Курти изјави дека Србија продолжува воено да му се заканува на Косово и според него неколку акции преземени од Србија долж граничната линија со Косово „го поткопуваат мирот и стабилноста во регионот“, пренесуваа српските медиумите.

Говорејќи на Косовската академија за јавна безбедност во Вучитрн, Курти рече дека Србија континуирано воено му се заканува на Косово, до тој степен што ја поставува својата воена артилерија околу границата со Косово.

„Понатаму, има изградено 48 пунктови или офанзивни бази, 28 воени и 20 жандармерија, околу нашата граница. Тоа го направи долж нашата гранична линија, долга 381 километар и претставува постојана закана за безбедноста на нашата земја. Опасните акции на Србија, нејзините територијални аспирации кон Република Косово и борбата против нашата државност со сите можни механизми ги поткопуваат мирот и стабилноста во регионот и пошироко“, рече Курти, цитиран во соопштението на косовската влада.

Курти истакна дека тие секогаш се посветени на соочување со актуелните предизвици во земјата, но и на решавање на споровите со соседите преку дијалог, особено со Србија, како рамноправни страни, врз принципите на реципроцитет и меѓусебно признавање меѓу државите.

„За нас овие принципи се гаранција за траен мир и долгорочна стабилност во нашиот регион“, додаде тој.

Според него, институциите на Косово секојдневно се посветени на градење безбедна држава.

„Ги подигаме и ги зајакнуваме нашите капацитети за заштита на нашата земја и народ. Како сериозен и доверлив партнер за нашите сојузници, придонесуваме за регионалниот мир и безбедност“, рече Курти.

Косовскиот премиер рече дека за да се соочиме со глобалните безбедносни предизвици, неопходно е да се соработува и да се комуницира со сите земји кои се потпираат на демократските вредности, за борба против тероризмот и криминалот кои влијаат на безбедноста на земјите и народите насекаде во светот, се наведува во соопштението на косовската влада.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот