Премирот Димитар Ковачевски / Фото: Фејсбук

Ако поминат уставните измени ќе бидеме првата земја која ќе стане членка на ЕУ во 2030, тврди Ковачевски

Северна Македонија ќе биде првата земја од Западен Балкан која ќе стане членка на ЕУ во 2030 година, уверува премиерот Димитар Ковачевски, но под услов уставните измени да поминат во Собранието.

Тој на гостувањето на „Вести плус“ на Канал 5 телевизија, истакна дека она што го кажа претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел на Бледскиот стратешки форум и денешната изјава на еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји покажува дека Европа влегува во процес на реформи заради проширувањето и потребата самата Унија да се подготви за нови членки.

-Јасни се пораките дека за прв пат после многу години, ЕУ е подготвена за проширување и прием на нови членки до 2030 година. Тоа се поклопува со нашата цел и она на што го работи Владата. Ако ги донесеме потребните одлуки во Собранието, во 2030 година ќе бидеме првата земја од Западен Балкан којашто ќе стане членка на ЕУ, рече премиерот Ковачевски.

Коментирајќи ја изјавата на францускиот претседател Емануел Макрон за „Европа со повеќе брзини“, премиерот потсети дека прв пат оваа формулација ја употребил францускиот претседател Франсоа Митеран на заедничка прес-конеференција со германскиот канцелар Хелмут Кол во 1994 година на која посочил дека постојат држави кои нема да сакаат да се откажат од своите домашни валути и нема да го воведат еврото. И тоа и се случи, вели Ковачевски, посочувајќи дека некои земји членки се приклучиле комплетно, побрзо, некои станале дел од Шенген, а некои го вовеле и еврото. Истото се однесува и на земјите од Западен Балкан и како пример ги посочи Северна Македонија и Хрватска.

-Подобар пример од повеќе брзини не постои. Сега доколку не ги донесеме потребните одлуки тоа ќе значи дека и Црна Гора, Србија и Албанија ќе отидат пред нас и ние ќе останеме во друштво на Босна и Херцеговина и Косово. Дали ние сакаме да останеме во тоа друштво? Тоа се држави кои имаат се уште елементарни проблеми во своето функционирање. Јас не се согласувам нашата држава и нашите граѓани да бидеме во групата со Косово и со Босна и Херцеговина во евроинтеграциите, бидејќи во моментов ние сме пред сите држави во регионот, рече Ковачевски.

Според него, земјата била 11 години во изолација и во чекалната на ЕУ поради политиките на ВМРО-ДПМНЕ. Осумдесет отсто од македонските граѓани, како што посочи, се за интеграција на државата во ЕУ и доколку не се донесат одлуките во Собранието, ќе биде спречен напредокот на земјата. Во однос на посетата на американскиот заменик-помошник државен секретар Габриел Ескобар, премиерот рече дека таа била уште една цврста порака дека САД како стратешки партнер на Северна Македонија дава поддршка на уставните промени со цел членство на земјата во ЕУ.

Коментирајќи го барањето на опозицијата за избори, Ковачевски рече дека ВМРО-ДПМНЕ повторува само еден збор: избори и ништо не работи.

– ВМРО-ДПМНЕ денес ми наликува на некој нов вид на птица, би го нарекол ВМРО – папагал кој што повторува само еден збор: избори. Ако прашате колку е часот ќе ви кажат избори. Ако прашате имате ли план, ќе ви кажат избори. Имаа локални избори, после локалните избори поминаа две години и ниту еден проект нема. Едно време само повторуваа ќе имало бугаризација, ќе имало асимилација, сега веќе и тие аргументи ги нема затоа што аргументите пропаднаа после цела година од изгласувањето на преговарачката рамка каде што ние веќе го водиме процесот на преговори како Македонци со чист македонски јазик. Најново што измислија е бугарски диктат. Не е точно дека е бугарски диктат, уставните амандмани се подготвени од страна на македонски експерти во македонското Министерство за правда, рече Ковачевски.

Тој смета дека ВМРО-ДПМНЕ треба прв пат во својата историја да се одважи и да поддржи стратешки процес за државата.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски пак вчера изјави дека Ковачевски не ги разбрал пораките од европските лидери во Блед. Според Мицкоски, власта им дава лажна надеж на граѓаните за членство во ЕУ, а реформите не се спроведуваат. Лидероот на опозицијата уште еднаш повика на предвремени избори.

„Се врати од Блед и сега се крие од јавноста затоа што нивната лага повторно пукна како меур од сапуница. Погледнете како тоне нивната последната сламка за спас. Францускиот претседател им ја кажа вистината. Европска Унија им испрати абер. Сега се прпелкаат, те овој сакал да каже вака, те оној сакал да каже онака. Сето тоа што го кажуваат не е точно. Јасно е. Без внатрешни реформи кои вие седум години не ги правите, без оправање на секторите и состојбите на секое поле, нема да има ни афричка унија, а не пак европска. Народот бара ресет“, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот