Ако имаш нов пасош, немаш нова возачка дозвола и налепница со „НМК“, под дрво и камен се бараат возачите со нови лични исправи

камиони
Камиони/ Фото: МИА

Компаниите што имаат туристички автобуси и комбиња, ќе треба да ги одложат турите или да ангажираат дополнителни автобуси или да ги заменат возачите што е огромен проблем. Туристичките агенции се во паника дека ќе им пропадне претсезоната, а први настрадаа турите за 8 Март и за Велигден. И патниците што ги користат 15-дневните тури не знаат како ќе се вратат во земјава, оти ако немаат патнички лист што чини 35 евра и треба да се извади во најблиското дипломатско претставништво, ќе мора да останат во земјата во која отпатувале?!

Под дрво и камен се бараат возачи и туристички водичи со пасош и возачка дозвола со името „Северна Македонија“. Закажувањето оди тешко, а најголемиот дел од возачите сè уште не добиле термини за промена на документите или добиле за по 12 февруари!

Компаниите што имаат туристички автобуси и комбиња, ќе треба да ги одложат турите или да ангажираат дополнителни автобуси или да ги заменат возачите што е огромен проблем. Ова ќе се одрази врз работата и на туристичките агенции. Процесот на замена на документите е посложен бидејќи со личните карти или со пасошите се поврзани и лиценците на возачите за излегување од државава, а се поврзани и повеќе други документи што дополнително треба да се заменат за што, пак, треба време.

МВР: Налепниците со новата ознака за возилата во државата „НМК“, ќе чинат најмногу 50 денари

На компаниите што вршат превоз на стока и на патници им „гори под нозете“, бидејќи не знаат ни кога ќе пристигнат новите налепници за регистрациите со ознаката „НМК“. Туристичките агенции се во паника дека ќе им пропадне предсезоната, а први настрадаа турите за 8 Март и за Велигден. И патниците што ги користат 15-дневните тури не знаат како ќе се вратат во земјава, оти ако немаат патнички лист што чини 35 евра и треба да се извади во најблиското дипломатско претставништво, ќе мора да останат во земјата во која отпатувале?! Дончо Нацев, сопственик на ТА „Арботравел“ и кој има неколку туристички автобуси, за „Слободен печат“ вели дека институциите не го прифатиле нивното барање возачите и водичите со писмо од фирмата да добијат приоритет при вадењето на новите лични документи.

Камионите ќе останат паркирани, транспортерите вознемирени од доцнењето на „НМК“ налепниците

Сега тие се принудени да чекаат во бесконечната низа пред пунктовите на МВР, како и сите други граѓани. Нацев вели дека туризмот и превозниците ќе бидат парализирани за неполна недела и тоа само поради неорганизираноста на државата. Тој вели дека имал средба со дипломатски претставници од еден наш сосед, кои се интересирале какви ќе бидат импликациите од рашомонијадата со новите документи за туризмот.

– Никој не размислува дека две стопански гранки ќе извисат. Граѓаните може и не мораат да патуваат, но нам тоа ни е бизнис од кој егзистираме. Од пандемијата не може да закрепнеме, а сега нов удар ни следува. Ќе запрат сите екскурзии. Каде да најдеме возачи со документи со „Северна Македонија“? Згора нема и налепници. Сами ли да ги печатиме? Ако треба и тоа ќе го направиме. Но, што ќе правиме без нови возачки дозволи, од нив зависат лиценците, хомологацијата, треба да се менува целиот сет документи – објаснува Нацев.

 

И компаниите што вршат редовен автобуски превоз до некоја европска земја се револтирани, оти меѓународниот транспорт не трпи импровизации.

– Превозот ќе застане, никаде нема возачи со нови документи или се многу малку. Институциите немаа слух за нашиот предлог, возачите и туристичките водичи да може да добијат приоритет за вадење пасоши и возачки дозволи и сега тие мора да се туркаат уште в зори пред шалтерите. Каква брза постапка е ако се пробиваат роковите за нивно издавање? И туристичките автобуси и комбињата нема да може да поминат на граница ако напред и одзади немаат налепници со „НМК“ – револтиран е Нацев.

Од „Макамтранс“ се надеваат дека проблемот со налепниците ќе се среди, оти тоа би довело до целосен колапс на превозот на стока, кој над 96 отсто се врши со камиони. Билјана Муратовска за „Слободен печат“ вели дека не сакаат ни да помислат што ќе ѝ се случи на државата ако застане и камионскиот превоз.
Според измените на Уставот по Преспанскиот договор, граѓаните имаат обврска личните документи да ги заменат до 12 февруари. Ако не го испочитуваат овој рок, граѓаните нема да можат да патуваат. Банките немаат допис како да се однесуваат со оние што немаат нови документи, но неофицијално ги тешат граѓаните дека ќе може да си ги подигнат платите и пензиите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот