Ахмети: ДУИ е нападната од сите страни, но не се урива така лесно бидејќи е родена од УЧК

Али Ахмети, Беким Незири Фото: Фејсбук Ахмети

ДУИ е нападната од сите страни, бидејќи таа е клучот за функционирањето на државата. Но ДУИ не се урива така лесно, бидејќи е структура која е родена од ОВК и крвта на мачениците, порачал престедателот на партијата Али Ахмети на коктелот организиран за изборот на новиот состав на чаирскиот огранок.

„Додека бевме во коалиција со ВМРО, СДСМ вршеше страшни напади, не викаа вмровска патерица, се црно се зборуваше за ДУИ. Зошто сето ова? Затоа што бевме и сега сме клучната партија, без нас институциите на државата не би биле стабилни, без нас не би можела власта стабилно да функционира. ДУИ никогаш досега не била соборена, затоа што нашата партија не е родена во политички салони или телевизиски студија, туку е создадена од УЧК и од крвта на хероите“, рече Ахмети.

Тој додал дека никогаш не дејствувал преку туѓа пот и дека не бил вклучен во активности за злоупотреба на довербата на луѓето.

„Таа крв ја имам на врата, ја имам таа крв од мојата семејна традиција, никогаш не сме пораснале и не се храневме со туѓа пот, туку со потта на сопственото чело. Затоа, не сум влегол во овие полиња на дејствување за да ја злоупотребувам довербата на луѓето, ниту на фронтовите каде што сум бил, ниту во мирот што го градиме заедно со сите наши соработници“, рече Ахмети.

Тој на Фејсбук им се заблагодари за топлиот и масовен прием од членовите на ДУИ во огранокот на Чаир.

„Заедно поминавме две децении успешни активности со исполнети витални мисии за еднаквост и подобар и квалитетен  живот. Мило ми е што сме подготвени да продолжиме да пишуваме нови поглавја од европската иднина. На новиот состав на огранокот на Демократската унија за интеграција во Чаир предводен од неговиот претседател, Беким Незири, му посакувам успех во нивната мисија да бидат во ефикасна услуга на граѓаните на Чаир“, напиша Ахмети.

Беким Незири изрази задоволство што ќе раководи со еден од најважните органоци во државата, чаирскиот и искажа уверување дека ќе ја има поддршката од Ахмети и дека ќе има соработка со целото членство.

Првиот вицепремиер Артан Груби на Фејсбук порача дека Чаир бил, е и ќе биде верно олицетворение на прогресивната визија на Али Ахмети.

„Задоволство е да се биде сведок на непоколебливата подготвеност на секој локален совет во Чаир да го продолжи патот на достигнувањата и да придонесе за општо добро“, напиша Груби.

Бујар Османи пак, во телевизиско гостување рече дека прашањето за таканаречената огнена група е затворено.

„ДУИ имаше процес на пререгистрирање на членството, имавме масовно регистрирање, запишување на членството, да, и во Чаир. Тие што се запишале тие се членови на ДУИ, кој не се запишал може да зборува за ДУИ од страна, од надвор“, рече Османи со тоа укажувајќи не само дека ДУИ не признава постоење на фракција, туку и дека веќе „огнените“ не ги признава за членство.

Во минатиот викенд ДУИ на внатрепартиски избори избра нови претседатели на 14 ограноци, меѓу кои и на огранокот на Чаир каде до скоро претседател беше Изет Меџити, еден од предводниците на „огнените“. Со внатрепартиските избори раководството на ДУИ и во партиските структури расчисти со фракционерите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот