Агенцијата за пошти- Од 1 јануари догодина се отвора поштенскиот пазар, Пошта нема да резервира услуги

Пошта/ Фото: МИА

На поштенскиот пазар во државава годинава има 35 лиценцирани даватели на услуги, издадени се две нови лиценци, а укинати се општите овластувања на три поштенски субјекти. Во 2021 година работеле 43 оператори, а лани нивниот број изнесувал 36

Директорката на Агенцијата за пошти (АП) Билјана Аврамоска Ѓореска очекува од 1 јануари да се отвори поштенскиот пазар и да се укинат резервираните услуги за Македонска пошта. На јавен состанок на АП таа соопшти дека се направени измени во Законот за поштенските услуги со кои е вградена и европската регулатива која се однесува на меѓународна достава на пакети, а се очекува да бидат во владина процедура наредната недела. Според Аврамоска-Ѓореска, интересот за влез на поштенскиот пазар се намалува, но, како што нагласи, тоа не се одразува на конкуренцијата и на квалитетот на поштенските услуги.

– Освен со конкуренцијата, давателите на поштенски услуги имаат проблем и со недостиг на работна сила, делумно од демографските процеси, воведувањето нови технологии и работните услови. Од тие причини треба да се подобрат работните услови за да се привлечат нови кадри и да се задржат постојните кадри – истакна директорката на АП.

Инаку на поштенскиот пазар во државава годинава има 35 лиценцирани даватели на услуги, издадени се две нови лиценци, а укинати се општите овластувања на три поштенски субјекти. Во 2021 година работеле 43 оператори, а лани нивниот број изнесувал 36.

– Анализата на новите даватели на поштенски услуги за периодот 2021-2023 година, покажа дека тие недоволно подготвени влегуваат на пазарот, а само оние што инвестираат во развој на одржливи мрежи растат и постигнуваат резултати, и во остварен обем на услуги и во приходи – посочи Аврамоска-Ѓореска.

До Агенцијата за пошти годинава се поднесени 16 претставки, што е намалување во однос на лани кога имало 29. Во седум од претставките, корисниците не биле задоволни од доставата на пратки која се обезбедува од АД Пошта, а девет се однесуваат за начинот на обезбедување на услугите од страна на останатите даватели. Намалениот број поднесени претставки, во однос на лани, според Аврамоска Ѓореска значи дека настанатите проблеми се решаваат во прва инстанција – во рекламациска постапка помеѓу корисниците и давателите на поштенски услуги.

Годинава АП спровела 18 надзори, најмногу досега од основањето на Агенцијата, од кои осум редовни и 10 вонредни надзори. Во 10-те вонредни надзори, кај девет правни субјекти се констатирани прекршоци и за правните лица и за одговорните лица.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот